петок, 18. јуни 2021. Вести денес: 0
home Вести

Нема пари за трето дете: Кој ги излажа мајките и трудниците – Царовска или Шахпаска?

Нема пари за трето дете: Кој ги излажа мајките и трудниците – Царовска или Шахпаска?

„Додатокот за трето дете не е укината, туку таа се трансформира. За прво, второ и трето дете ќе даваме еднократни финансиски средства во висина од 5, 20, и 60.000 денари. Вака како што досега беше поставено,  додатокот за трето дете беше погрешен. И за тоа нѐ укоруваа и УНИЦЕФ и Светска банка и ММФ. Сега тие го поздравија новото законско решение и ја известија Владата дека очекуваат тоа да се усвои и да се имплементира“.

Ова во интервју за Дојче Веле во 2018-та година го истакна тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, која денес е министер за образование.

Изминатиов период, повеќе трудници кои го очекуваат своето трето дете и мајки кои се породиле по трет пат, ја контактираа редакцијата на КУРИР и ни посочија дека оваа мерка не се спроведува. Најавата на Царовска и Владата на СДСМ дека ќе се исплаќа еднократна парична помош за трето дете била само една од низата лаги кои им се сервирани на граѓаните.

-По раѓањето на своето трето дете, ги подготвив документите кои беа потребни и бев да аплицирам за еднократна парична помош. Бев одбиена со објаснување дека тие пари ќе ми следуваа само ако сум во социјално загрозена категорија. Додека бев бремена, баш прашав дали ќе ми следува таков додаток и добив потврден одговор, вели една скопјанка која ја контактираше редакцијата на КУРИР.

-Бремена сум 9-ти месец со своето трето дете. Иако беше најавено дека ќе ми следува еднократна помош бидејќи Владата на СДСМ ја укина мерката помош од минатата Влада, сега дознав дека не ми следува ништо. Ве молам да ме информирате што вели законот. Јас слушнав дека оваа Влада ветуваше 60.000 денари еднократно, вели трудница која е наш читател.

-Сигурно дека не раѓаме трето дете за пари. Но, нека им е срам што лажат, а и нас да ни е срам што уште им верувавме. Аплицирав за еднократната помош за трето дете и бев одбиена. Според месечните примања на мене и мојот сопруг, не сме биле во групата на која им следуваат овие пари. Кои се тие групи и кој ги прави? Следуваат или не? Срамота е што ни прават вака, ако нема секој месец помош, барем нека ја има таа еднократната што ја ветија кога најмногу ни треба, барем во првите месеци, истакна жена од Скопје.

-За првородено даваат 5.000, а за трето дете ништо. Моето трето не е помалку од ничие прво или второ! Класична дискриминација. Зошто тогаш има еднократна помош за прво и второ?! Без никаков услов?! А за третородено, со веќе две дечиња дома, државата не ми дава ниту еден денар, истакна друга скопјанка во своето сведоштво до редакцијата на КУРИР.

Што ветуваше Мила, а не спроведува Јагода?

Како што веќе напоменавме, Мила Царовска беше јасна во своите најави дека за третородено дете ќе следува еднократна парична помош. Но, бидејќи се покажа дека Мила не ја зборувала вистината, сега новата министерка Јагода Шахпаска не спроведува ништо. Мила ветувала лаги, а Јагода ги прикрива истите. Тоа се докажа откако КУРИР во име на овие мајки постави прашања до МТСП.

Им беа потребни ДВЕ НЕДЕЛИ да смислат што да одговорат.

Одговор добивме дури денес, а во истиот, МТСП на чие чело е денес Шахпаска од СДСМ тврди дека МТСП на чие чело беше Царовска од СДСМ, никогаш не дало вакво ветување.

Одговорот кој ни го пратија две недели подоцна, ви го пренесуваме во продолжение:

„Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата објавен во Сл.весник на РСМ бр.104/19, правото на родителски додаток за дете се остварува по материјалната состојба на семејството на мајката и се однесува за сите деца родени од 24.03.2020 година.

Конкретно, ова право се остварува доколку вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото е понизок од висината на минималната нето плата утврдена за претходната година.

Родителскиот додаток за трето дете се исплатува месечно, за период од десет години, во висина од 8.209,00 денари, кој износ се зголемува согласно трошоците на живот објавени од Државниот завод за статистика.

Еднократна парична помош за новороденче за првородено дете изнесува  5000,00 денари и второновородено дете во износ од 20.000,00 денари.

Еднократна парична помош за трето дете нема, ниту имало во минатото.

Измената  и  дополнувањето  на Законот за заштита на децата доаѓа како резултат на неефикасноста на претходно законско решение, кога парични средства за трето дете добиваа и семејства кои се во добра економска состојба.

Статистичките податоци не покажаа раст на наталитетот туку напротив за период од 15 години(2001-2016) овој процент паднал од 13.3% на 11.1%. Овие податоци покажуваат дека претходното законско решение ниту го зголемил наталитетот на населението, ниту пак се овозможило парите да завршат во  семејствата на кои им е навистина најпотребно.

Министерството за труд и социјална политика креира политики и мерки со цел помош и поддршка на ранливите категории на граѓани односно оние на кои тоа им е најпотребно“.

Кој ги лаже мајките: МТСП на Шахпаска или МТСП на Царовска?

Бидејќи актуелниот состав на МТСП изгледа не е информиран со тоа што претходното раководство го ветуваше или пак, напротив, има идеја да ги изманипулира мајките дополнително, КУРИР ви објавува што вети екс-министерката.

На 8-ми ноември 2018-та година, рамо до рамо со премиерот Зоран Заев, Царовска најави дека мерката за трето дете се трансформира.

-Мерката трето дете не се укинува туку се трансформира. Воведуваме праведно право за демографски развој и додаваме право за прво дете, за второ и за трето дете со цел да нема дискриминација. За првото дете еднокаратен износ од пет илјади денари, за второто дете едонкратен износ од 20.000 денари, а за третото дете еднократен износ од 60.000 денари, истакна Царовска.

Бидејќи во одговорот кој денес го добивме од МТСП ни посочуваат дека жените кои се со најниски примања можат само да земат еднократна парична помош, потсетуваме дека екс-министерката од СДСМ, Царовска, вети дека еднократната помош ќе биде 60.000 денари, а за мајките од социјално ранливите категории ќе има други, дополнителни додатоци.

-Дополнително граѓаните кои се во социјален ризик, добиваат право да остварат детски и образовен додаток, дури и оние кои се на минимална плата. Многу е важно дека трето дете како политика ја чини државата на годишно ниво повеќе од 2 милијарди и 600 милиони денари, но резулатите не се постигнати, рече Царовска пред две години.

Некоја од овие две социјалдемократки, министри за труд и социјална политика и пред се жени и мајки, покажа целосна негрижа за другите жени и мајки. Не само што покажаа негрижа туку или едната даваше лажни ветувања или другата лаже за да не ги исполни тие ветувања. Трето нема. Како што нема ни пари за трето дете.

Толку од грижата за децата, мајките, наталитетот, подобар живот…

ЕУРО 2020

Македонија