среда, 4. август 2021. Вести денес: 162
Вонредна вест

ОГНОТ ЈА ЗЕМА ПРВАТА ЖРТВА – изгоре жена во Старо Нагоричане

home Вести

Нема ни благодарам

Нема ни благодарам

Уште стопати да треба да одбирам професија, стопати ќе одберам да бидам учителка. Не залудно за една од најмоќните пораки на Достоевски се смета: ,,Душата се лекува кога сте меѓу децата“.

Убаво е чувството кога можеш освен образование и воспитување и љубов да им дариш, пријател да им бидеш, солза да им избришеш, да ги посоветуваш. А за возврат добиваш многу, многу… Тоа многу во нивните очи го читаш. Среќен си и исполнет.

Ете тоа беше реалноста.

Но, пандемијата ја измести реалноста, го измени секојдневието…

Тешко беше за сите во образовниот процес: и за учениците и за родителите и за наставниците. Сите многу се вложивме, дадовме сè од себе.

И ете, вака или онака, наставната година заврши.

Но, свидетелства нема да има. Или пак ,,сведителства“ како што надлежните инститтуции милуваат често да кажат.

Можеби некој ќе каже ќе има, но не сега, туку до крајот на учебната година, 31август. Да, верувам дека така ќе биде, но потребно ли беше нарушување на традицијата од памтивек, свидетелствата да се доделат во првата сабота по 20 јуни, па по завршување на свечениот чин, украсен со насмеани детски лица, да се појде кај најблиските и заеднички семејно да се прослави. За тие пусти тендери ли, се прашувам?

Нејсе, свидетелствата се надевам и ќе бидат доделени, но зошто да се уништи нешто практикувано со децении?

Убав гест од надлежните, што во дописот во кој се најавува одложувањето на доделувањето на свидетелствата, им се заблагодаруваат на директорите за нивните залагања за успешно реализираната учебна година. Убаво што им се искажува благодарност и на учениците и нивните родители за разбирањето и соработката.

Но, за нас наставниците – нема ни благодарам!

Само ни посакале убав одмор. Одморот го заслуживме, сигурна сум. А не заслуживме ли некој и нам да ни заблагодари за тоа што дадовме сè од себе за од учениците да го извлечеме максимумот?

Што насобравме доволно стрес слушајќи и гледајќи колку наши колеги кои наставата ја изведуваа со физичко присуство, се уште се борат со постковид последици. А ги спомна ли некој оние 34 наставници чинам беа, кои животот го изгубија како последица од КОВИД-19. И тие изведуваа настава со физичко присуство и беа изложени на ризик. Барем ним да им се заблагодаревте. Тие одмор не дочекаа.

А ние, ние ќе чекаме поубави времиња кои се надевам ќе дојдат многу бргу и во кои ќе се врати достоинството на наставникот.

Како и да е, наставниците ако не добија благодарам од вас, ќе добијат од оние кои се мотив и инспирација за вложување. А тоа се гледа од преголемата желба на учениците да се вратат во своите клупи, па благодарноста кон наставникот да ја искажат со топла прегратка, која и нам многу ни недостига.

И повторно да треба да одберам професија, повторно би одбрала да бидам учителка.

Пишува: Весна КУСАКАТСКА

Коронавирус