понеделник, 21. јуни 2021. Вести денес: 55
home Вести

Нема да има учебници со новиот концепт за „реформа“ на образованието

Нема да има учебници со новиот концепт за „реформа“ на образованието

Паралелно со носењето на, таканаречената нова концепција за основното образование, Министерството за образование и наука (МОН) работи на подготвување нов закон за учебници. Предлог-законот се уште не е објавен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), но „Фокус“ во неговото неделно, печатено издание пишува дека дојде до работната верзија.

Работната верзија, до која дојде “Фокус“ предвидувала укинување на класичните учебници за учениците над трето одделение. Тоа значи дека учениците до трето одделение ќе учат од класични учебници и тоа само за дел од предметите, додека учениците од четврто одделение, па се до четврта година средно образование ќе учат од „наставен и друг дидактички материјал.

Член 5 од работната верзија гласи:

(1) Учениците од прво, второ и трето одделение во основното образование користат учебници за наставните предмети мајчин јазик, математика, општествени науки и природни науки, а за другите наставни предмети користат наставен и друг дидактички материјал.

(2) Учениците од четврто до деветто одделение во основното образование, како и учениците од сите години на средно образование користат наставен и друг дидактички материјал. Учебникот, наставниот и другиот дидактички материјал се изработува според наставниот план и програми за соодветното одделение, се вели во драфт законот.

Тоа значи дека по задолжителните предмети од прво до трето одделение, учениците ќе имаат класични печатени учебници, додека за другите предмети, како и за сите предмети во погорните одделенија класични учебници ќе нема. Во оваа работна верзија не е прецизирано што се подразбира под „наставен и друг дидактички материјал“, туку целината „учебник и друг наставен и дидактички материјал“ се дефинира како “наставно средство и извор на знаење“.

И од МОН за „Фокус“ потврдија дека класични учебници ќе има само до трето одделение. „Со реформата ќе се стартува во прво и во четворто и за овие одделенија ќе се пишуваат наставните програми веднаш по донесувањето на концепцијата, кои ќе бидат во форма на наставни материјали. Од прво до трето одделени секако дека ќе има учебници за учениците да развијат чувство за односот кон книгата, а за погорните одделенија соодветни наставни и други дидактички материјали.“, велат од МОН за „Фокус“ одговарајќи на прашањето, дали актуелната верзија на предлог-законот за учебници предвидува да има учебници само од птво до трето одделение?

При едно од образложувањето на новата, таканаречена, концепција за основно образование, министерката Мила Царовска рече дека нашето сфаќање на тоа што е ученбик е застарено и дека од четврто одделение ќе има дигитални учебници и наставни материјали. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), врз чии извештаи и препораки МОН се водеше при изработката на концепцијата за озновното образование, нема дадено препорака за укинување на класичните учебници во Македонија, иако од МОН се повикуваат на нив во однос на укинувањето на класичните учебници.

Професорот и поранешен заменик-министер за образование, Петар Атанасовски за „Фокус“ објаснува дека различните извори на информации се едно, додека дигиталните учебници или алатки се сосема друго.

„ОЕЦД нема препорака за укинување на класичните учебници. Дали тие ќе бидат печатени или дигитални е прашање за оние што ги носат законите и ги планираат финасиите. ОЕЦД во извештајот за Македонија од 2019 година главно „подржува развој и конзистентна употреба на квалитетни учебници“. Сосема друга е нивната насока за „намалување на обемот на зависноста или користењето на учебниците во наставата од страна на наставниците“, притоа препорачувајќи „наставниците да користат различни извори и пристапи во учењето и наставата и да не се потпираат единствено на задолжителните учебници“, вели Атанасов за Фокус.

Но, освен училиштата и дел од учениците немаат уреди на кои би можеле да ги користат дигиталните учебници додека се дома. Со новиот закон за учебници што го подготвува МОН ќе се укинат класичните учебници за учениците над трето одделение. Тие ќе бидат заменети со „наставни и дидактички материјали“ и во дел со дигитални учебници.

Останува прашањето, како ќе се изведе без соодветна инфраструктура ИТ инфраструктура во училиштата, како и што ќе биде со тие ученици што немаат компјутери во своите домови?

ЕУРО 2020

Македонија