сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

„Нема да дозволиме насилничко и неуставно однесување на власта во Собранието“ – порачуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

„Нема да дозволиме насилничко и неуставно однесување на власта во Собранието“ – порачуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш најостро реагира и ја демантира лагата која што СДСМ очајно се обидува да ја протне во јавноста во врска со поднесените амандмани за Деловникот, со единствена цел да го отргне вниманието на граѓаните од деструктивното, антидржавното и антинационалното однесување на Зоран Заев и врхушката околу него.

„Иако на СДСМ и македонската јавност им е совршено јасно, ние уште еднаш повторуваме дека овие амандмани НЕ СЕ ПОДНЕСЕНИ ОД СТРАНА НА ВМРО-ДПМНЕ.

Ја разбираме нервозата, паниката и обидот на СДСМ за манипулација и префрлување на вина кон ВМРО-ДПМНЕ, но нема да ги премолчиме и нема да ги прифатиме. Напротив, како и секогаш жестоко ќе реагираме на секој можен начин согласно Деловникот и Уставот.

Нема да дозволиме поради нивното тенко мнозинство во Собранието, на недемократски, неуставен и насилнички начин, без дијалог и консензус со сите парламентарни партии, надвор од процесот Жан Моне, набрзина да ги изгласаат измените на Деловникот.

Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, имаме должност и обврска да дејствуваме, да реагираме и да го спречиме насилничкото однесување на власта во Собранието. Нема да бидеме нем сведок додека парламентарното мнозинство го крши Деловникот за работа и насилно турка процеси против интересите на Република Македонија и нејзините граѓани.

А кога станува збор за штетното и антидржавното однесување за кое што обвинува токму СДСМ, можеме слободно да кажеме дека македонската јавност во изминативе неколку денови постојано слуша и гледа кои и какви се ставовите на Зоран Заев и луѓето во СДСМ во врска со македонско-бугарското прашање. Сите сме сведоци како Зоран Заев и СДСМ ја распродаваат, тргуваат и тајно се договараат за македонската историја, македонскиот јазик и достоинство, како да е нивна лична сопственост, а не македонска национална гордост и наследство.

Токму поради тоа, Заев и хунтата околу него, многу скоро ќе го добијат одговорот од гневниот македонски народ и засекогаш ќе заминат во темните и мрачните страни на историјата“ – се наведува во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Најнови вести

Коронавирус