вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Неготино остана без комерцијални вакцини за сезонски грип, граѓаните се праќаат во Бугарија и Грција да си купат вакцина

Неготино остана без комерцијални вакцини за сезонски грип, граѓаните се праќаат во Бугарија и Грција да си купат вакцина

Веќе во 9 часот утринава во амбулантата во Неготино немало комерцијални вакцини за сезонски грип. Читател на Курир од Неготино кој ја контактираше нашата редакција вели дека не успеал да се вакцинира бидејќи му рекле дека вакцини нема.

-Јас сум пензионер со пензија над 15.000 денари. Отидов во амбулантата во Неготино вчера, наутро и попладнето, ми кажаа дека уште немаат вакцини. Денес отидов повторно во 9 часот наутро и во амбулантата ми кажаа дека комерцијалните вакцини им се потрошиле, ме пратија да си купам вакцина во Бугарија или во Грција, вели Јордан од Неготино за Курир.

Тој објаснува дека зголемената цена не му претставува проблем и оти бил решен да се вакцинира бидејќи тоа редовно го прави секоја година и досега немало проблем, но изрази зачуденост како е можно за толку кратко време да се потрошат вакцините во градот.

Одговор побаравме од Министерството за здравство за тоа каква е состојбата со комерцијалните вакцини за сезонски грип во Неготино.

-Центарот за јавно здравје Велес, во чии рамки спаѓа и подрачното одделение Неготино самостојно врши проценка за обезбедување и распределба на потребните количините вакцини по подрачните одделенија. Во состав на ЦЈЗ-Велес влегуваат 4 подрачни одделенија – во Неготино, Кавадарци, Св.Николе и Гевгелија. Од Подрачното одделение–Неготино информираат дека поради големиот интерес уште првиот ден се имунизирани вкупно 75 лица. Инаку за потребите на Неготино се предвидени вкупно 275 вакцини, од кои 200 вакцини се предвидени за имунизација на лицата сместени во Специјалниот завод Демир Капија. Во секој случај Министерството за здравство прави напори за соодветна прераспределба на обезбедените количини, во зависност од искажаниот инетерес, а притоа да се задоволат потребите на граѓаните, одговараат од Министерството за здравство.

Дел од медиумите јавуваат дека иста е состојбата и во Велес. Комерцијални вакцини нема, но има бесплатни.

Од Министерството за здравство претходно информираа дека набавени се околу 28.000 вакцини за грип. Оваа вакцина годинава е четиривалентна вакцина, која е најнова, висококвалитетна, и заштитува од четири видови на инфлуенца и истата е според препораките на Светската Здравствена Организација и Европската Медицинска Агенција.

Вакцинацијата против грип официјално започна денес. Цената изнесува 650 денари. За сите, пак, кои имаат помали пензии од 14.480 денари, како и за оние без пензија со навршени 65 години, а се решени да се вакцинираат, вакцината е бесплатна.

За пензионерите кои се во групата за бесплатни вакцини за да го остварат своето право мора со чек од својата пензија да појдат кај матичниот лекар, кој пак преку „Мој термин“ ќе им закаже термин за вакцинација во некој од Центрите за јавно здравје. Пензионерите над 65 години кои не земаат пензија, ќе можат да се вакцинираат со потврда од ПИОМ.

Коронавирус