вторник, 19. ноември 2019. Вести денес: 67
home Вести

Не сум херој, Господ ми даде сила: Доктор Ридван Бајрами за Женски магазин по трагичната несреќа кај Ласкарци

Не сум херој, Господ ми даде сила: Доктор Ридван Бајрами за Женски магазин по трагичната несреќа кај Ласкарци

Хирургот Ридван Бајрами, кој завчера со целиот тим на болницата Осми септември посветено работеше да им се помогне на повредените од трагичната сообраќајна несреќа која се случи кај селото Ласкарци, за Женски Магазин вели дека денеска, два дена по несреќата, се чуди од каде ја црпел силата.

„ Во вакви ситуации, треба да бидеш психички јак, да не се предаваш. Јас верувам во Господ, и мислам дека на целиот тим тој ни даде сила брзо да се организираме и да реагираме. Бев дежурен на работа кога се случи несреќата, и за половина час, заедно со тимот, успеавме да организираме 37 пациенти да се сместат на соодветните одделенија во болницата“, раскажа доктор Бајрами за Женски магазин. Тој вели дека не бил на работа 27 часа како што првично беше пренесено, туку повеќе од 30 часа. 

„Бројката во вакви моменти е сосема неважна. Тоа ми е работа за која што сум положил заклетва, и никако немаше да успеам ако не беше пожртвуваноста на колегите. Како на човек, тешко ми беше да прифатам дека нешто вакво се случи, но секогаш кога треба да реагираме во вакви ситуации, треба добра организација и сила. Вербата во мојот тим ми даде сила“, додаде Бајрами. Тој е татко на една ќерка и на два сина и вели дека се труди својата работа никогаш да не ја носи дома.

„ Вчера заминав дома од 16 до 18 часот, имав два часа време да се видам со семејството. Потоа, повторно се вратив на работа. Сопругата и децата беа многу внимателни со мене, не ме прашуваа а и не сакам својата работа да ја носам дома“, ни раскажа доктор Ридван.

„ Не сакам кога во јавноста нас докторите не прикажуваат како херои. Ми значи поддршката од целата јавност секако. На Фејсбук, имам преку 1.000 пораки. Им благодарам на сите што ми пишаа, но немам време на сите пораки да одговорам, за жал“, додаде докторот со големо срце.