петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 121
home Вести

„Не ми кажуваа дека мојот син е мртов, кога влегов дома, сфатив дека мојот син не дише“

„Не ми кажуваа дека мојот син е мртов, кога влегов дома, сфатив дека мојот син не дише“

Дебреше обвиено во црно. Денеска им беше кажано последното збогум на Раметула Абдурахими и Валдете Хамити. Илјадници граѓани се собраа во гостиварско Дебреше во чест на двете жртви кои загинаа во фаталната несреќа, пренесува ТВ21.

Раметула Абдурахими, роден во Дебреше имал 34 години и бил татко на три деца. Работел во Центарот за образование на возрасни при Министерството за образование.

Неговиот татко вели дека не знаел дека неговиот син настрадал во сообраќајната несреќа се додека не се вратил од Швајцарија.

„Беше неочекувана вест, печалбарството го направи своето. Кога се вратив од печалба не знаев ништо, цела Македонија, целото село знаеше дека животот на мојот син Раметула згасна, дека веќе е во рајот. Кога влегов дома, сфатив дека мојот син не дише“, изјави Аднан Абдурахими – татко на Раметула Абдурахими.

Со болка и солзи, вујкото на Раметула, Ислам Нуредини вели дека ваквите болки оставаат неизлечиви и вечни рани.

„Како и секое семејство кое тагува за своите блиски, Раметула за мене не беше само внук, туку беше повеќе од тоа. Ова беше посилна врска, бевме поврзани душевно. За мене тој не беше само внук, туку нешто повеќе од внук, ми беше советник. Ние во овој свет сме само минувачи и се надевам дека еден ден ќе се сретнеме во рајот. Имам многу за кажување, но колку и да зборувам можеби нема да го кажам вистинското нешто за Раметула“, изјави Ислам Нуредини – Имам во старата џамија во Дебреше.

Последно збогум и за Валдете Хамити. Таа е родена 1989 година во селото Палатица, општина Желино. Мажена во селото Дебреше и била мајка на две деца. Работела како асистентка на Универзитетот „Мајка Тереза“. Другите настрадани во стравотната несреќа се:

Јовица Трпевски – од Гостивар, имал 25 години, кошаркар и син на пратеникот на СДСМ, Благојче Трпевски.

Бесим Камбери – од гостиварското село Сенакос,

Онур Садику – 19-годишен, студент на Медицинскиот факултет во Скопје,

Зоран Давидовски – роден 1981 година, вработен во Секторот за сообраќај при Град Скопје,

Бобан Аврамовски – од Гостивар, студент на Факултетот за дизајн на ФОН,

Дејан Ристевски – вработен во НБРМ,

Павле Костовски – од Гостивар, дипломирал на Правниот факултет во Скопје,

Трпана Јаневска – пензионерка од Гостивар,

Есат Емрули – од Гостивар,

Ајдин Исмаили – 19-годишен од Гостивар

Бејза Узеири – од село Долна Бањица,

Бесим Фетаи – од Врапчиште.

Споменот за 14-те жртви ќе остане да живее засекогаш во сеќавањата на нивните најблиски.