понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Народен правобранител: Судските одлуки се пристрасни, селективни, под притисок и политичка мотивираност

Народен правобранител: Судските одлуки се пристрасни, селективни, под притисок и политичка мотивираност

Граѓаните во 2018 година најголема недоверба искажале на судската власт, што покажува и двојно зголемениот број на претставки во врска со правосудството поднесени до Народниот правобранител, изјави заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа на презентацијата на Годишниот извештај за работата на оваа институција.

„Минатата година постапувавме по 4.482 претставки, од кои 3.458 беа примени во извештајниот период, при што 50 беа отворени по сопствена иницијатива за различни области”, рече Бајрамовска-Мустафа, додавајќи дека најголем број претставки биле од областа на правосудството, работните односи, казнено-поправните установи, потрошувачките права, заштита на права при полициско овластување, финансиското работење, заштита на правата на детето, како и социјалната и здравствена заштита.

Според неа, долгото траење на постапките е основниот проблем за кој се бара заштита, а голем е и бројот на претставки во кои граѓаните изразуваат незадоволство од судските одлуки за кои сметаат дека се донесени пристрасно, селективно, под притисок и политичка мотивираност.

Во Извештајот се наведува и дека нема позитивна промена ниту во поглед на ефикасноста во постапувањето на Јавното обвинителство, особено поради тоа што биле евидентирани случаи кривичната пријава да биде отфрлена поради настапување на апсолутна застареност за кривично гонење што, како што додаде, упатува на заклучокот дека таквата состојба е резултат на пасивноста и неефикасното преземање дејствија во предистражната и истражната постапка од обвинителството.

Во извештајот е наведено дека за околу 60 отсто е зголемен бројот на поднесени претставки во врска со правата од работен однос. Притоа граѓаните најчесто бараат заштита поради повреда на правата во постпките за вработување, исплата на плати и други надоместоци, за распоредување на вработените, за престанок на работниот однос, како и постапки по жалби и приговори.

„Во оваа област констатиравме дека продолжува праксата на партиски реваншизам, после спроведување на кои било избори, што беше особено видливо во сферата на образованието и детската заштита, како при изборот на кандидати за вработување, така и при трансформација на работниот однос на вработените од определено на неопределено време и во однос ба продолжување на договорите за работа”, истакна таа.

Посочи дека благ пораст има на претставките за дискриминација по основ на политичка припадност, етничка основа, како и заштита од мобинг на работно место.

Според заменик народниот правобранител значително не се подобрени ниту состојбите во областа на казнено-поправните устнови во однос на условите на сместување, храната, хигиенските услови, како и несоодветниот стоматолошки третман на лицата во затворите.

Посочи дека состојбите се алармантни и во однос на правата на детето, особено во делот на училишното насилство.

Споредбено со 2017 година, како што истакна Бајрамовска-Мустафа во извештајната година се забележува намалување на констатираните повреди за 7,60 отсто, а од друга страна анализата на податоците во однос на прифатенте препораки на Народниот правобранител покажуваат намалување за 13,42 отсто во споредба со 2017 година.

Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето, почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права за 2018 година Народниот правобранител го доставил денеска до Собранието.

Коронавирус