вторник, 21. септември 2021. Вести денес: 159
home Вести

Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице во Македонија, строги казни и за закана

Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице во Македонија, строги казни и за закана

Во иднина нападот врз новинари нив ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни и за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на Здружението на новинари, чиј претставници активно учествуваа во Работната група која ги подготвуваше измените на КЗ.

За ова денеска информираше на прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, кој посочи дека Владата на денешната седница, што се уште е во тек, усвоила повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, а првите се однесуваат на новинарите. Со тие измени, нагласи тој, се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите. Министерот Маричиќ очекува овие законски измени кои веднаш, како што рече, ќе бидат проследени во Собранието, да бидат усвоени во септември.

Со овие измени, потенцира Маричиќ, ставаме крај на можности за минати пракси неказнивоста за насилствата врз новинарите и кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичката и институционална одмазда поради професионалното извршување на својата работа.

За разлика од пред 2017 година, наведе тој, денеска речиси за сите регистрирани попречувања на работата и напади врз новинарите и медиумските работници, од страна на полицијата и надлежните органи се покренати постапки.

И со денешните измени на членовите на Кривичниот законик кои се однесуваат на работата на медиумските професионалци, дециден е министерот Маричиќ, оваа Влада покажува дека има нула толеранција за каков било обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето.

Тој уште еднаш ги повика сите останати институции во државата, обвинителството и судовите, да постапуваат максимално ажурно и професионално за сите случаи на напад или против медиумските работници.

Дополнително, посочи Маричиќ, на владината седница поминале и измените на Законот за граѓанска одговорност, каде што има значително намалување на сумата што ќе ја плаќаат новинарите или пак медиумите, ако евентуално изгубат спор за клевета или навреда.

–  Конкретно, новинарите во иднина ќе плаќаат максимални 400 евра за клевета и навреда, за разлика од минатото каде што оваа сум изнесуваше 2.000 евра. За уредниците, со измените надоместокот на штета не смее да биде поголем до 2.000 евра. За потсетување по постојниот закон тој е 10.000 евра. За правното лице пак, од 15.000 се намалува на максимални 5.000 евра. Односно, пет пати намалување за новинарите и уредниците и три за медиумите, информираше министерот за правда Маричиќ.

Во обраќањето до новинарите, тој нагласи дека нивната улога во општеството е огромна.

– За да бидете коректив потребно е да имате максимална законска заштита. Ова за нас е одамна апсолвирано прашање и затоа правиме сè што можеме да ве заштитиме. Овие измени се токму во таа насока. Ако се увиди потреба и за дополнително адаптирање или допрецизирање на законодавството, во иднина тоа ќе го направиме, рече Маричиќ.

На седницата на Владата, усвоени се повеќе измени и дополнувања  на Кривичниот законик, на Законот за граѓанска одговорност и утврдени измени и дополнувања или нови законски текстови од повеќе области со цел да ја зајакнат ефикасноста на правдата,  владеењето на правото и да се забрзаат реформите во судството.

Според Маричиќ, адресирани се повеќе законски измени за да се направи квалитетно поместување во однос на испорачување на правдата за теми за кои со децении претходно не се преземаше ништо.

Се осврна на изминатиот период, кога јавноста беше вознемирена од телеграф групата „Јавна Соба“, каде меѓу другото се споделуваа и лични податоци на девојки, кои потоа беа на различни начини вознемирувани. Со овие измени на КЗ, најави Маричиќ, се воведуваат неколку нови кривични дела со кои ќе се обезбеди заштита на жените од сексуално и друг вид вознемирување.

–  Со новото дело „Демнење“, за кое говореше и премиерот, предвидуваме строги санкции за вознемирување и преку интернет, нешто што за жал, кај нас и во светот се случува се почесто. Да бидам попрецизен, откако измените ќе стапат на сила, тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин ќе се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави  несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни парично, а може да добие и затворска казна до три години. Со ваквото дело се утврдува како се постапува кога некој и преку интернет заплашува или настојува од оствари несакан контакт со друго лице, појасни министерот Маричиќ.

Измените предвидуваат и дополнителна заштита на жените, кои произлегуваат од Истанбулската конвенција, која Северна Македонија ја потпиша уште во 2011 година, а ја ратификуваше седум години подоцна. Со измените кои произлегуваат од оваа конвенција, истакна Маричиќ, правно се заштитува жената од секаков вид на насилство.

– Морам да признаам дека лично сум горд што за време на мојот мандат се прават овие измени, рече тој.

Владата денеска ги усвоила и Законот за фонд на жртви од кривични дела, Законот за парнична постапка, Законот за адвокатура, Законот на Академија за судии и јавни обвинители, како и транспонирање на полициска директива во предлог-закон за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци во текот на постапување на истражните органи за кривични дела.

Овие измени, наведе министгерот Маричиќ, се прават за да се зајакне владеењето на правото и да се забрзаат реформите во судството за кои толку многу се говори.

-Сметам дека со чекорите кои ги превземавме работите се добро раздвижени… првите позитивни меѓународни извештаи за владеењето на правото ги добивме, 16 судии се разрешени поради нестручно и несовесно работење, судските такси се намалени за 8 пати, започнува целосна дигитализација на судството, по 20тина година правиме попис како секоја нормално држава, постигнат е договор за зголемување на платите на судиите и обвинителите, обезбедивме меѓународен мониторинг за случаи на висока корупција за кој исто така утре ќе информираме подетално…Продолжуваме уште по силно се со единствена цел… да се врати довербата на граѓаните во правната држава и од тоа нема да отстапиме, истакна на прес-конференцијата министерот за правда Маричиќ. (МИА)

Коронавирус