недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 49
home Вести

Нападите кон Мицкоски – магла да се покрие расколот во СДСМ и обвинувањата за криминал кон Заев

Нападите кон Мицкоски – магла да се покрие расколот во СДСМ и обвинувањата за криминал кон Заев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е предмет на брутална хајка веќе подолго време. Откако покажа решителност да застане на патот на неработата на оваа Влада, Мицкоски доживеа “удари“ од повеќе страни.

Му се сервираат спинови и хајки, се искривуваат неговите изјави, се изменуваат неговите ставови пред објавувањето. Тој стана мета на скапо платени медиуми и центри на моќ под контрола на СДСМ кои имаат за цел да го сокријат расколот во партијата од Бихаќка.

Додека Мицкоски им е главна преокупација и занимација, во партијата на Заев се случува хаос кој тие, невешто, го сокриваат од јавноста.

Изминатиов период кој беше исполнет со низа погубни политики на актуелната власт, повеќе општински организации и партиски функционери си даваат оставки бидејќи се незадоволни од Заев.

Освен што членовите и симпатизерите на СДСМ гледаат дека предизборните ветувања се далеку од исполнување, тие се сведоци и на низа скандали на чие чело се Заев, членови на неговото семејство и негови партиски функционери.

Браќата Заеви, Зоран и Вице, се посочуваат за силно коруптивно работење и злоупотреби во партијата. Членството се чувствува измамено и изиграно.

Потресот на Бихаќка прво се случи кога се огласи екс-лидерот Бранко Црвенковски. Со својот став го истакна тоа што многумина го мислат, но во СДС мора да молчат.

Црвенковски доби голема поддршка од низа социјалдемократи меѓу кои и лица кои имаа високи функции во минатото, но и актуелни функционери. Во СДСМ има се поактивен бран на луѓе кои се согласуваат со Бранко Црвенковски.

Во ноември Црвенковски по долго време повторно се обрати во јавноста со осуда на вчерашното интервју на премиерот Зоран Заев.

Тој повика под итно да се свика Централниот одбор на СДСМ и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина ниту пак на владата и на државата.

Во продолжение Јавното обраќање на поранешниот Претседател на РМ и основачот и долгогодишен Претседател на СДСМ Бранкo Црвенковски до раководството и членовите на СДСМ

Почитувани сопартијци,

Во изминативе 7 години се решив да не бидам на било каков начин присутен во политичката јавност во Македонија.

За таквото однесување имав повеќе причини, а во оваа прилика ќе ги споменам двете најголеми. Додека СДСМ беше во опозиција и водеше тешка битка со режимот, не сакав на било кој начин да давам дополнителен повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се мои марионети или дека спроведуваат политики под мое влијание. Сакав партијата да биде ослободена од било какво бреме од претходните владеења на СДСМ со државата.

Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавност за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати.

Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв.

Се обраќам до вас почитувани сопартијци за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата.

Реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни.

Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ.

Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ.

Почитувани сопартијци,

До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Иако најблиските играчи на Заев побрзаа да го одбранат, голем дел на членови му предочија дека тие се согласуваат со тоа кое Црвенковски го истакна.

Од сево ова е сосема јасно дека нападите кон Мицкоски се магла да се покрие расколот во СДСМ и обвинувањата за криминал кон Заев.

Коронавирус