среда, 14. ноември 2018. Вести денес: 76
home Вести

Најмногу се разболуваат децата Каква е состојбата со грипот во Македонија?

Најмногу се разболуваат децата Каква е состојбата со грипот во Македонија?

Во текот на изминатата недела (од 12 март до 18 март), во Република Македонија се регистрирани 1.304 заболени од грип, што е намалување за 31 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 1.980 заболени од грип, се наведува во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.

Во однос на 11-тата недела од минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, оваа сезона бројот на заболени е зголемен за 13 пати. Регистрираната инциденца oваа недела е во рамки на неделната граница на ниска (сезонска) активност на вирусот на грип.

Исто како и во претходните недели, во 11-тата недела најголем број заболени – 818 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 97,3 на 100.000 жители се регистрира кај најмалите – децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени лица – 227 се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје, а највисока инциденца 292,5 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Свети Николе.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, во една се регистрира висока активност (ПЕ Свети Николе). Во останатите ЦЈЗ/ПЕ се регистрира од многу ниско до средно ниво на активност на вирусот на грип, додека во четири ПЕ не се регистрирани заболени лица.

Досега во сезоната 2017/2018 вкупно се пријавени 22.404 случаи на грип/заболувања слични на грип со инциденца од 1.082,8 на 100.000. Регистрираниот број на случаи е помал за 36 отсто споредено со истиот период од минатата сезона (34.725).

Досега, најголем број на заболени лица – 2.968 се регистрирани во ЦЈЗ Скопје, а поголем број е пријавен и во ПЕ Гостивар (2.249) и ЦЈЗ Струмица (2.103). Највисока инциденцата од 3.536,7 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 13.585 случаи (60,6 oтсто), а највисока кумулативна инциденца од 1.979,2 на 100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години. (МИА)