понеделник, 17. мај 2021. Вести денес: 154
home Вести

Најавени, па отпишани како вработени во критична инфраструктура: Филипче да се реши дали има или нема вакцини за ЈСП, Царина, Патарина

Најавени, па отпишани како вработени во критична инфраструктура: Филипче да се реши дали има или нема вакцини за ЈСП, Царина, Патарина

Иако најавени како дел од критичната инфраструктура вработените во судовите, ЈСП, патарините и царина не добија вакцинација. Министерот за здравство Венко Филипче за 24 часа самиот се демантираше со своите изјави.

Откако вчера гордо се пофали дека е завршена вакцинацијата на вработените од критичната инфраструктура и дека останале од вакцините „Спутник В“ кои беа наменети за нив, денеска на невакцинираните од оваа група им порача да имаат трпение додека дојдат нови вакцини.

-Тука во салата „Борис Трајковски“ завршува вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура со што го заокружуваме тој процес и од утре почнува вакцинацијата на постарите граѓаните. Од утре ќе започне вакцинирањето на помладите од 75 години кои се пријавени. Сите 74 и 73 годишни граѓани ќе бидат вакцинирани. Во овој момент од вакцината „Спутник В“, веројатно на крајот од денешниот дел ќе останат околу 2,500 вакцини на кои ќе надополниме 2.000 вакцини од „АстраЗенека“ и 1.000 кинески вакцини кои простигнаа како донација. Тоа е отприлика вкупната бројка на пријавени граѓани на 73 и 74 годишна возраст, изјави вчера Филипче.

Денеска, пак, министерот со поинаков одговор на новинарско прашање за реакциите од вработените во судовите и најавата за вакцинација на вработените од патарините и градскиот превоз која не се реализираше.

-Од сите инстититуции како критична инфраструктура сепак само еден дел на вработени се вакцинираат. Прво тие кои имаа најголем ризик, а информациите ги земавме од раководителите на институциите. Со толкава бројка на вакцини располагаме, како ќе се зголемува бројката на вакцини, така ќе се зголемува бројката од институциите кои понатаму ќе бидат вакцинирани. Апелирам на трпение и разбирање, им порача министерот за здравство.

Останува нејасно дали вработените од овие институции не се вакцинирале бидејќи нема вакцини или затоа што иако најавено, очигледно не се приоритетни.

На први април Филипче најави дека вакцините од „Спутник В“ ќе бидат наменети за вработените во критичната инфраструктура.

-Вакцинацијата на поголем група на граѓани ќе продолжи во оваа пратка на вакцини кои денеска ја добивме од Република Србија. 20.000 вакцини од Спутник В ќе бидат наменети за вработените во МВР, делот на Армијата, судовите, обвинителството, патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, новинарите, напиша Филипче на 1 април годинава.

Како дел од критичната инфраструктура се вакцинираа дел од вработените во МВР, АРМ, образование, новинарите и останатите медиумски работници, пожарникарите.

Коронавирус