четврток, 29. октомври 2020. Вести денес: 162
home Вести

„Нахрани 10.000“ и училишни градини за Светскиот ден на храната

„Нахрани 10.000“ и училишни градини за Светскиот ден на храната

Со промоција на новата училишна градина во ООУ „Аврам Писевски” во скопското село Бардовци, денеска ќе биде одбележан Светскиот ден на храната.

Настанот го организираат Канцеларијата на ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со граѓанските организации Слоу Фуд Водно и „Ајде Македонија”.

Целта е да се поддржи отворањето градини во школите за практична едукација на учениците како се произведува храна, но и да се подигне јавната свест за здравата исхрана преку заштита на животната средина и грижа за заедницата.

Во фокусот на Светскиот ден на храната годинава се младите, а мотото е „Нашите дејствија се наша иднина. Свет Без Глад до 2020 година е возможен”.

Нахрани 10.000

– Децата и младите се дел од генерацијата која може да го искорени гладот од Планетата. Тие можат да научат како со менување на едноставни секојдневни навики, можат да се хранат поздраво, да го намалат отпадот, паметно да ги користат природните ресурси и да водат поодржлив животен стил, велат од ФАО.

На настанот се најавени обраќања на министрите за земјоделство и за обраование и наука, Љупчо Николовски и Арбер Адеми, на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, на постојаната координаторка на ОН Лујза Винтон, како и на директорката „Аврам Писевски” Матилда Бајкова.

„Ајде Македонија“ денеска, освен што ќе учествува во промоцијата на училишната градина во Бардовци, ќе спроведе и донаторската акција „Нахрани 10.000“ во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Кочани и Виница.

На одбрани локации од 10 до 19 часот ќе може да се донира храна која потоа ќе се дистрибуира до социјално загрозените граѓани.

– Целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна до нашите сограѓани преку собирање еднаш месечно 10 тони храна која ќе заврши во рацете на 10.000 граѓани, велат од „Ајде Македонија“.

МИА

Коронавирус