петок, 24. јуни 2022. Вести денес: 2
home Вести

Национална стратегија за односите со Бугарија

Национална стратегија за односите со Бугарија

Низ годините блокада од Бугарија за почеток на преговори за членство во ЕУ недостасува сериозен пристап од македонска страна и реален поглед кон проблемот. Имено проблемот не е ни дневнополитички, уште помалку е поврзан со една или неколку политички партии, не е нов, а за него скоро и да нема разногласие во Бугарија. Погледот на Бугарија е непроменет со децении кон Македонија и Македонците како засебен народ како и македонскиот јазик како засебен јазик. Ако подлабоко се навлезе и се прочита добро бугарската историја лесно ќе се дојде до заклучок дека причините кои Бугарија ги наведува како образложение за ветото кон Македонија се константа. Политика за која има апсолутен консензус и која корени влече уште од основањето на Бугарската држава во 1878 г и настаните кои пред тоа се случиле како и основањето на бугарската црква- Егзархијата во 1870 г. Затоа потребен е вистински одговор од македонска страна, градење на јасна стратегија, создавање широк општествен и политички консензус околу истата и потоа цврсто држење до таа национална стратегија. Кога СДСМ ќе сфати дека проблемот не е дневнополитички тогаш и полесно ќе се дојде до решенија. Затоа ние предлагаме да се формира работна група во која ќе дискутираме и ќе ја изградиме стратегијата. Просторот е мал за да ги објаснам сите аспекти на една таква стратегија, но можам да дадам само еден пример.

Македонија за да победи во оваа битка мора строго да се држи до аргументи и до воспоставениот систем на меѓународно право и институции. Една од основните институции за заштита на човековите права е секако Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Македонија мора строго да се држи до него и да бара безусловно почитување на одлуките на судот. Во Европскиот суд, десетици илјади граѓани од цела Европа бараат правда која не можат да ја најдат во домашните судови.

Македонците од Бугарија со децении се борат за овие права. Тие отсекогаш живееле таму и сакаат да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но за жал Бугарија одбива да го стори тоа. Одбива да ги регистрира здруженијата на македонците преку кои сакаат да ги остварат своите права. Ќе се согласите дека ова е недемократски чин на земја членка на Европската Унија.

До сега постојат вкупно 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на Македонците во Бугарија и досега ниту една од нив не е спроведена. Ниту една! Ова е силно поткопување на кредибилитетот на судот и затоа Мкаедонија мора да бара Советот на Европа да дејствува.

Би сакал да истакнам две од 14-те пресуди на Европскиот суд кои за мене на многу симболичен начин покажуваат каде се наоѓа Бугарија во овој процес. Првата е за одбивањето да се регистрира „МАКЕДОНСКИ КЛУБ ЗА ЕТНИЧКА ТОЛЕРАНЦИЈА ВО БУГАРИЈА“. Што е спорно ако се регистрира македонски клуб за етничка толеранција, кога етничката толеранција е највисока цел на ЕУ и на Советот на Европа?

Втората пресуда се однесува на регистрирање на „ЗДРУЖЕНИЕ НА РЕПРЕСИРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ВО БУГАРИЈА ЖРТВИ НА КОМУНИСТИЧКИОТ ТЕРОР“. Во Бугарија комунизмот владееше 45 години и не гледам причина Бугарија да не се соочи со своето минато и да признае дека има жртви на комунистичкиот терор кои меѓу другото настрадале и затоа што биле Македонци.

Не случајно во анализата на Секретаријатот за извршување на пресудите се изразува длабока загриженост дека во последните постапки за регистрација започнати од здруженијата на македонските апликанти во Бугарија, институциите повторно ги занемариле начелата наведени во пресудите на Судот и Привремена резолуција на Комитетот на министри. Македонија мора да инсистира на спроведување на пресудите и да бара сите механизми да се употребат кон Бугарија, а не да ги премолчува и да ги става под тепих.

Бугарија постојано ја блокира Македонија на европскиот пат, а во исто време Бугарија не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Тоа е лицемерната политика на  која мора да исистираме да се стави крај.

Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ, а Бугарија да ги овозможи основните човекови и јазични права на Македонците во Бугарија. Само таквиот пристап може да доведе до добрососедски односи и пријателски односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.

Ова е само еден пример што се треба да содржи националната стратегија на Македонија во однос на Бугарија. Се надевам СДСМ ќе смогне сила заедно да ја изградиме.

Колумна на Александар Николоски

Коронавирус