понеделник, 18. ноември 2019. Вести денес: 143
home Вести

Нацев: Безбедносната структура во колапс

Нацев: Безбедносната структура во колапс

Распадот на безбедносниот систем на Република Македонија кој ни се случува пред очи станува се потежок за гледање и за премолчување. Бројни скандали кои излегоа во јавност последниве денови, но и оние за кои континуирано се зборува последниве години, укажуваат на тоа дека безбедносната заедница во државава не знае кај тера, пишува на Фејсбук професорот Александар Нацев.

Агенцијата за разузнавање не излегува од фокусот на јавноста од назначувањето на новиот Директор наваму. Протечени класифицирани документи, оперативци фатени со опрема за следење, брутална партизација и партиски пресметки е секојдневието таму и показател за тоталната декомпозиција на нашиот надворешно разузнавачки гарантор за безбедноста. Новата Агенција за национална безбедност, која нели беше решение за озлогласената УБК и гарантираше професионализам и департизација, самата од себе ќе имплодира на помалку од месец дена од формирањето. Со сомнителен процес на селекција, со пробивање на рокови и со една бледа прес конференција на новиот директор, кој изгледаше како да чита вести на радио за дождовните шуми во Амазон, тргна возот на АНБ и на прва кривина излета од шините, додава Нацев.

Министерството за внатрешни работи си тера своја приказна, и како најважен проект на министерот гледаме дека е „ветингот“, кој всушност му е потребен за да го „исчисти“ министерството од неподобните, и да ги зајакне позициите на својата партија таму пред техничката влада и препуштањето на МВР на технички министер од опозиција. Но, она што е најтажно и најпонижувачки, е тоталното запоставување и систематско уништување на Армијата на Република Македонија. Понижувањата на војниците е во директна корелација со незаинтересираноста и некомпетентноста на министерката и нејзиниот тим. Недостатокот на униформи, на чизми, на превоз, на храна и се друго е директна последица на аматеризмот, немањето визија, неспособноста и неработењето на Шеќеринска. Ќе застанам овде, и воопшто нема да го отворам прашањето за „рекетарската сага“, кое е посебна тема и бара поголемо внимание, вели во својот статус професорот Александар Нацев.