вторник, 19. октомври 2021. Вести денес: 173
home Вести

На Велигден: Промовиран учебникот „ПРАВО И РЕЛИГИЈА“ од проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска и проф. д-р Александар Спасеновски

На Велигден: Промовиран учебникот „ПРАВО И РЕЛИГИЈА“ од проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска и проф. д-р Александар Спасеновски

Во издание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на германската фондација „Конрад Аденауер“, излезе од печат учебникот „Право и религија“, од авторите проф. д-р Тања Каракамишева–Јовановска и проф. д-р Александар Спасеновски, од катедрата по уставно право и политички систем.

Учебникот е прво дело од оваа област како на факултетот, така и во државата. Неговата содржина ќе се изучува на истоимениот предмет кој од неодамна се воведе на Правниот Факултет по иницијатива на Каракамишева и Спасеновски.

Рецензенти на ова капитално дело се професорите д-р Гоце Наумовски од катедрата по Римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и д-р Митко Б. Панов од Институтот за национална историја.

Според проф. д-р Каракамишева-Јовановска, основната цел на овој учебник е подетално и поконкретно да се проучи врската помеѓу правото и религијата како два клучни општествено-политички феномени. Тие меѓусебно се до толку испреплетени, што според бројни параметри дури и зависат еден од друг. Меѓусебната зависност и испреплетеност се согледува во фактот што правото и религијата имаат за цел да ја конституираат, а според одредени сфаќања и да ја „врамат“ човековата свесност во сите сфери од приватниот и јавниот живот. Правото и религијата имаат идентична основа врз која се засновани. И двете функционираат во согласност со принципот на граѓанска послушност, и двете инсистираат на лидерството и поредокот. Освен овие заеднички елементи, како заеднички принцип им се одредува и моќта, која е директно заинтересирана да ги стави под контрола, да ги навигира, да ги детерминира и да ги користи за свои потреби.

„Факт е дека религијата е вградена во темелите на сите модерни правни системи кои егзистираат во бројни држави, почнувајќи од оние на Средниот Исток, преку Африка, Европа, до Латинска и Северна Америка и Азија. Колку и како религијата извршила влијание врз правото на одделните правни системи е прашање на кое аналитичарите можат да дадат прецизен одговор. Секако, и обратната релација е мошне интересна и важна – колку правото и воспоставените правни системи извршиле или вршат влијание врз дообликувањето на религијата и на религиозните субјекти и правила“ – констатира професорката.

Според проф. Спасеновски „Право и религија“ е шестиот учебник што авторите го издале досега како резултат на континуираната и долгогодишна соработка со Фондацијата Конрад Аденауер. Тој напоменува дека до сега, како дел од овој мегапроект, тие ги издале и учебниците: „Политички партии и интересовни групи“, како и англиската верзија на учебникот со наслов „Political parties and interest groups“, во 2016 година; „Современи политички системи“, како и англиската верзија на учебникот со наслов „Contemporary political systems“, во 2018 година, како и учебникот „Парламентарно право“, во 2019 година.

Учебникот „Право и религија“ е составен од два  дела кои содржински се поделени во 4 посебни глави.

 Во првиот дел од учебникот авторите го проучуваат уставно-правниот статус на религијата преку детално објаснување на трите клучни модели за односот меѓу религијата и државата: моделот на религиска држава; моделот на државна религија и моделот на одвоеност на државата од религијата – секуларизмот.

Во следното поглавје, авторите навлегуваат во подетално проучување на слободата на вероисповест преку анализа на најважните меѓународни документи на ООН и на Советот на Европа што ја уредуваат содржината, концепцијата и начинот на заштита на слободата на вероисповест.

Важен дел од учебникот е оној посветен на анализата на македонскиот уставно-правен статус на религијата и на слободата на вероисповест, од 1945 до 1990 година, како и од 1991 година до денес. Во овој дел авторите детално ги проучуваат сите уставни решенија посветени на религијата и слободата на вероисповест во Народна и во Социјалистичка Република Македонија. Следниот дел на ова поглавје, пак, е посветен на анализата на статусот на религијата во периодот на осамостојувањето на Република Македонија како независна држава.

Фокусот на анализата е ставен на Уставот на Република Македонија од 1991 година, соодветните закони што се однесуваат на верските заедници од 1997 и од 2007 година, како и други законски решенија. Посебен интерес авторите покажуваат кон одлуките и решенијата на Уставниот суд посветени на оваа материја, како и актите за заштита од верска дискриминација, правото на приговор на совеста, изучувањето на веронауката, местото на образовните институции на верските организации како и статусот на актите на верските организации. Од посебна важност на ова поглавје, исто така, е и анализата на институционалната рамка што се однесува на заштитата на слободата на вероисповест, која е детално разработена. На крајот од учебникот дадени се одлични заклучни согледувања каде на синтетизиран и заокружен начин авторите ја презентираат целата материја уредена и анализирана во учебникот.

На крајот, авторите потенцираат дека со реализацијата на оваа идеја, освен што се осовременува наставната содржина на Правниот факултет, се влијае позитивно и врз студентскиот стандард, со оглед дека учебникот студентите го добиваат потполно бесплатно.

Сите заинтересирани бесплатната книга  „Право и религија“, може да ја добијат на Правниот факултет или да ја преземат во електронска форма на официјалната интернет страница на германската фондација „Конрад Аденауер“.

Локални избори 2021