четврток, 15. ноември 2018. Вести денес: 103
home Вести

На ТМФ интернационална школа за обука на докторанди

На ТМФ интернационална школа за обука на докторанди

На Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје денеска ќе биде отворена Втората SARCOS COST Аction– RILEM школата за обука на докторанди (2nd SARCOS COST Action – RILEM Doctorate Training School), со наслов „Современи материјали и технологии базирани на неоргански врзива“ што ќе трае до 7 септември.

Ќе се одржува на две локации и тоа од 2-ри до 5 септември на ТМФ во Скопје и на 6-ти и 7 септември во Конгресниот Центар на УКИМ во Охрид во рамки на COST Акцијата: CA15202 – Self-healing as prevention repair of concrete structures – SARCOS (Самозалекување како превенција за поправка на бетонски структури).

Опфаќа теоретски дел што ќе се реализира на ТМФ и експериментален во лабораториите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје ” АД Скопје и Цементарница УСЈЕ, АД Скопје – ТИТАН, како и теренска настава со посета на рудникот и фабриката за гипс на КНАУФ – Радика во Дебар.

На школата е пријавено учество на околу 40 студенти од 15 земји (Израел, Данска, Холандија, Белгија, Унгарија, Италија, Естонија, Турција, Грција, Србија, Велика Британија, Шпанија, Португалија, Украина и Бразил) вклучувајќи и докторанди и млади истражувачи од Република Македонија.

Учесниците со своите научни презентации (постер презентации и дискусии) ќе бидат оценувани од професорите-учесници, а предвидено е доделување на по три награди за техничка содржина и за технички формат. Воедно и самите учесници ќе можат да го изберат најдобриот постер од сите ученици. Школата ќе заврши со евалуација на учесниците, пришто ќе добиваат пет кредити (ЕКТС).

(Миа)