среда, 21. октомври 2020. Вести денес: 74
home Вести

На секои четири часа ограбен стан во Скопје

На секои четири часа ограбен стан во Скопје

Провалници ограбуваат станови во Скопје на секои четири часа, или близу шест домови на скопјани секој ден во просек се на мета на провалници, покажува статистиката на полицијата. Она што е невообичаено од досегашната пракса е дека скопската населба Аеродром му го зема приматот на Центар, според бројот на тешки кражби извршени во станови или куќи.

Статистиката на МВР покажува дека од 1 јануари до 31 март годоинава биле извршени 700 тешки кражби во станбени објекти на целата територија на Македонија. Од нив на подрачјето на СВР Скопје евидентирани се 19 кривични дела кражби и 483 тешки кражби извршени во станови и куќи.

На кривичните дела од областа на имотните деликти, кои во најголем процент се однесуваат на тешките кражби, отпаѓаат најголем број од кривичните дела од класичниот криминалитет.

Според статистиката, од 2015 до 2017 година во земјава во просек се случувале над 10.500 тешки кражби, од кои околу 2.600 биле во станови или куќи, од кои преку 70 отсто се во главниот град на државата. При тоа полицијата остварила ефикасност од околу 22 отсто, додека процентот на расветлени кражби во Скопје е помал и се движи над 15 отсто. Освен во станбени објекти, во тешки кражби се вбројуваат и кражби извршени во возила, викендички, подруми, магацини,продавници и други објекти. Тие од година во година бележат пораст, иако бројот на останатите дела се во намалување или стагнација.

Сепак, најчести се кражбите во домовите, кои по правило носат најголема заработка на крадците. Искусните провалници  најчесто ограбуваат станови во кои знаат дека има пари или накит, односно ги следат нивните сопственици за да го изберат најдобриот термин кога да ги ограбат. Арамиите во најголем број на случаи крадат пари, златен и скапоцен накит, техничка стока и други предмети.

Според полицијата, тешките кражби во станови најчесто се вршат во временскиот период од 8  до 16 часот, а провалниците во куќите во најголем број на случаи провалуваат во времето од 16 часот до полноќ.

Модусот на извршување на овие кривични дела е различен, но како најчести се провали со употреба на физичка сила или користење на погоден предмет со делување на влезните врати, потоа со насилно отворање на прозорците или со прекачување преку балкони. Исто така се регистрираат повеќе случаи на тешки кражби во станови со употреба на подесен клуч од блиндирани врати, без да се оштети бравата.

Па така на крајот на март од стан во скопската населба Кисела Вода биле украдени 15.000 евра. Кражбата се случила во домот на И.И. на улицата Христо Татарчев. Крадецот провалил внатре со подесен клуч, калауз и ја отклучил влезната врата по што го пребарал станот и ги украл парите.

На почетокот на март, пак, скопјанка останала без накитот вреден над 13.000 евра, украден од нејзиниот стан. Според полицијата, кражбата се случила вчера во домот на Л.Ј.(62), која не била во станот во периодот од 08.10 до 13.35 часот. Додека таа не била дома крадецот провалил во станот така што со подесен алат ја отворил влезната врата. Потоа ги пребарал собите каде нашол поголема количина златен накит, два рачни женски часовници „касио“ и неколку комплети женски накит „сваровски“ по што избегал.

Според статистиката на СВР Скопје, во првите три месеци од годинава најмногу станови и куќи биле ограбени  на подрачјето што го покрива ПС Аеродром- 114, па следат ПС Центар- 110, ПС Карпош- 90, ПС Чаир- 48, ПС Гази Баба- 44, ПС Ѓорче Петров-35, ПС Бит Пазар- 31, Кисела Вода- 20 и ПС Драчево- десет стана.

Заев: Вкупно 736 лица целосно ослободени со амнестијата

Вкупно 736 лица завршиле со отслужувањето затворска казна, согласно Законот за амнестија. Со Законот се опфатени вкупно 2.345, од кои 576 се целосно ослободени бидејќи согласно законот казната им завршила, а 160 се ослободени согласно членот 206 од Законот за извршување санкциии, според кој директорот на установата може да го отпушти осуденото лице и пред истекот на казната најмногу 30 дена, ако осуденото лице издржало најмалку три четвртини од казната затвор, доколку осуденото лице не добило условен отпуст.

Ова го кажа денеска премиерот Зоран Заев на собраниската седница за пратенички прашања, одговарајќи на неколку прашање на пратеникот од ДУИ Џеват Адеми во врска со процесот на спроведување на амнестијата и колку таа всушност ја исполнила својата првобитна функција.

Заев информира дека 1.560 осудени лица согласно Законот се со намалена казна од 30 отсто, а негативни решенија биле дадени за 49 случаи.

Појасни дека согласно членот четири од Законот за амнестија, таа не се однесува на правосилно осудени лица, за кои до денот во влегување во сила на законското решение е наредено издавање потерница поради нивна недостапност за органите на кривичен прогон.

– Законот е прецизен и јасен и никому не му е овозможено користење на законот за амнестија ако бил во бегство. Имаше проблем ако некој во периодот на издржување на казна бил пуштен на викенд, а не се вратил во понеделникот, ама се вратил по три дена. Имаше судии кои за таквите случаи, а кои се случиле пред стапување во сила на Законот за амнестија донесуваа негативни пресуди. Но Врховниот суд зазеде став и ги регулираше таквите пресуди со цел Законот да важи за таквите случаите кои се случиле пред неговото стапување во сила, рече премиерот.

Адеми побара од Владата да изврши дополнително истражување за бројот на рецидивистите меѓу амнестираните, бидејќи како што рече изминатите 15-тина дена од билтените на МВР, но и од разговори со јавни обвинители имал информација на зголемен обем на кривични дела кражби и разбојништва.

– Вообичаено лицата, кои се санкционирале со затворска казна за кражби, разбојништва и слично го повторуваат делото. Македонија е мала земја и се знае кои се тие луѓе, дури и кога до крај да ја издржат казната веројатно еден процент од нив повторно ќе го повторат делото. Тоа само укажува колку системот за ресоцијализација е ефикасен. Тоа е аларм за Министерството за правдда да изнаоѓа други механизми, да воведува вештини за тие луѓе, рече Заев.

Ѓорѓиевски: СДС ја зароби државата, а улиците ги препушти на криминалците- Спасовски ја претвори МВР во нефункционална институција

Социјалдемократскиот сојуз ја зароби државата, а улиците на Скопје ги препушти на криминалците. Нарушена е безбедноста и граѓаните се чувствуваат несигурно. Изминатиов викенд Скопје и Република Македонија, наликуваа на сцена од криминален филм, истакна Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

-Разбојничка кражба на казино со калашникови, разбојништво и одземени два ипол милиони денари од лице кое излегувало од банка од Аеродром, запалени автомобили, физички напад врз лица во Градски парк и уште десетици и десетици физички напади и нарушувања на јавниот ред се само дел од деликтите извршени во последните 72 часа. МВР не реагира. Ниту еден од овие случаи не е расветлен. Ниту еден сторител не е фатен. МВР под водство на Оливер Спасовски е целосно нефункционална, рече Ѓорѓиевски и додаде:

„Криминалот царува, а полицијата е само набљудувач. Нема кафуле или дискотека кои не се на удар на рекетарските банди кои очигледно имаат поддршка од власта штом нема никаква санкција. Граѓаните не паметат кога МВР последен пат расветлиле некој криминален случај. Поминаа осум месеци по убиството на Дилавер Бојку од Струга, а убиецот се уште не е пронајден. Поминаа пет месеци по убиството на младиот Мартин Јанушев, а убиецот исто така е на слобода. Во Чаир како што знаете беше изрешетан Исмет Арифи, но повторно убиецот или убијците четири месеци се на слобода. Власта не ги гони убијците, ниту презема нешто посебно за нивно пронаоѓање“.

Според него, недозволиво е со месеци полицијата да не може да ги пронајде сторителите.

-Со самото неделување на МВР, полицијата испраќа сигнал до сите идни сторители на кривични дела, дека што и да направат тие може да останат неказнети, поради бавноста на постапувањето. Социјалдемократскиот сојуз дополнително ја загрози безбедноста на нашите граѓани со амнестијата на насилници и лица осудени за разни видови криминал. Ние бевме сведоци дека дел од нив, веднаш по излегувањето од затворите почнаа да ги напаѓаат граѓаните што ќе им се најдат на пат. МВР молчи и крие колку физички напади, кражби и разбојништва се регистрирани од изгласување на амнестијата. До денес МВР молчи и крие колкумина од амнестираните стојат токму зад овие дела. МВР молчи заради тоа што мора да се прикрие цената што ја плаќаат граѓаните за коалицијата на Социјалдемократскиот сојуз со криминалот.

Оливер Спасовски, потенцира Ѓорѓиевски, ја претвори МВР во нефункционална институција.

-Записници од увиди од кражби и сообраќајки се чекаат повеќе од 6 месеци. Полициските станици кои што се надвор од Скопје подолг период се нефункционални и не можат да излезат на терен бидејќи има недостаток на гориво за возилата. Институциите се нефункционални и не ја извршуваат работата која согласно закон се должни да ја извршуваат. Ова е епилогот од 10 месечното владеење на Социјалдемократскиот сојуз. Граѓаните на оваа земја заслужуваат функционална полиција, а не кабинет на министерот кој уценува и рекетира со посебни истражни мерки. Социјалдемократскиот сојуз ни ја зароби државата, ги злоупотребува институциите и ги гази законите. Нашите граѓани заслужуваат подобро.

Коронавирус