четврток, 29. октомври 2020. Вести денес: 158
home Вести

На ГП Табановце за 24 часа во Македонија влегле 2.444 патници

На ГП Табановце за 24 часа во Македонија влегле 2.444 патници

Во изминатите 24 часа на Граничниот премин Табановце имало вкупно 2.444 патници, од кои 1.192 домашни и 1.252 странски државјани, информираа денеска надлежните од ГП Табановце.

Претпладнево група македонски граѓани чекаа на влез во државата, а дел од нив имаа PCR тестови. Патник кој покажа документи и тест пред новинарите вели дека го платил 97 евра, друг повозрасен патник платил 110 евра. Тие кажаа дека ќе мора да поминат 14 дена во самоизолација.

Група патници кои влегуваа во државата од Германија, раскажаа дека ќе мора да одат во карантин, бидејќи немаат извршено тестови последниве 72 часа и најавија дека ќе направат тест од овластена установа во државата.

На вчерашната седница Владата донесе одлука од денеска се отворат сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни, при што за влез во Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат подготвува решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.

Согласно владината одлука останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, кои при влез на територија на Република Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.

Останува и можноста граѓаните кои се во државен карантин и што сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок. Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест е негативен, потпишуваат „изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Доколку граѓаните не сакаат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација. (МИА)

Коронавирус