недела, 20. септември 2020. Вести денес: 72
home Вести

На Голем Крчин и годинава ќе се отслужи боженствена утринска литургија со запазување на здравствените мерки

На Голем Крчин и годинава ќе се отслужи боженствена утринска литургија со запазување на здравствените мерки

Братството од Бигорскиот манастир и сестринството на манастирот „Свети Георгиј Побдоносец“ од дебарското село Рајчица и оваа година го организираат најатрактивното искачување на врвот Голем Крчин, над долнореканското село Битуше, што се наоѓа на надморска височина од 2.341 метри, каде ќе се отслужи боженствена утринска литургија.

-Настанот „Искачување и Божествена Литургија на врвот Голем Крчин“ оваа година ќе се одржи на 23 август(недела), а во согласност со определените мерки за заштита и превенција од вирусот Ковид-19, кои сите учесници ќе бидат должни да ги почитуваат. Исто како и минатите години, наша цел е на врвот на Голем Крчин рано наутро да отслужиме Света Литургија и да се обидеме да ги видиме висините низ една друга перспектива, вели сестра Ефимија.

Додадва дека и оваа година, заради обезбедување на учесниците ќе биде присутна и Единица за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид, како и професионални екипи на Црвениот крст од повеќе градови на нашата земја.

Меѓу другото, сите планинарски и алпинистички клубови кои ќе земат учество, доколку сакаат, можат да го помогнат настанот со тоа што ќе пријават и лиценцирани планинарски водичи, со лиценца од МАИВП или ФПСМ. Координатор меѓу сите водичи ќе биде лице од манастирот.

-Патеката е од средно тешка до тешка и одењето трае околу четири часа. Планирани се попатни кратки одмори на места каде што има извори со вода, од кои последниот е на средината од патеката, односно кај првата црква. Пријавувањето за учество е задолжително. Заради несакани последици, на искачувањето не е дозволено да земат учество лица кои имаат здравствени проблеми и несоодветна психо-физичка подготовка. Токму затоа, замолуваме навреме да се потврди присуството, како и бројот на членови и водичи кои ќе присуствуваат од секој клуб, додава сестра Ефимија укажувајќи дека заинтерисираните може да го пријават учеството на телефонскиот број 070 290 210.

Време на собирање и поаѓање е 23 август (недела), во 02:30 – 03:00 часот. Пристигнување на врвот во утринските часови. Место на собирање е пред поранешната караула во село Битуше, односно од пред скитот посветен на Светите Кирил и Методиј. Организирано враќање од врвот Голем Крчин веднаш после завршувањето на богослужбата.

Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици. Наведениот настан е организиран и движењето се одвива во група предводена од организаторот и водичите. Организаторот и водичите имаат право да исклучат член пред почетокот на настанот, доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната опрема за предвиденото патување. Секој учесник може да биде исклучен од групата поради недолично однесување. Организаторот и водичите го задржуваат правото на измени на термините и редоследот на настанот во зависност од временските услови и останатите технички препреки.

Традицијата што ја почнаа монасите и монахињите пред пет години, по повод големиот празник Преображение, станува еден од најомилените настани, кој од година во година привлекува се поголем број верници. (МИА)

Коронавирус