петок, 25. септември 2020. Вести денес: 139
home Вести

На Детска клиника има деца заразени со морбили кои лежат на хематологија, родителите во паника!

На Детска клиника има деца заразени со морбили кои лежат на хематологија, родителите во паника!

Деца кои се хоспитализирани на Клиниката за детски болести, а се на одделите како интензивна нега, гастро, хематологија имаат морбили. За ова сведочат родители на деца кои лежат на Детската клиника.

-Моето дете лежи на Клиниката веќе една недела. Постојано сум таму и разговарам со родители на децата. Една мајка расплакана ми вели – детето ми е на оддел за хематологија, а таму има дете заразено со морбили, сведочи родител кој го затекнавме пред Детската клиника.

Родителите се загрижени и велат „дојдовме со една мака, сега стравуваме да не фатат уште сипаници“.

Надлежните информираа дека шестмина здравствени работници од Клиниката за детски болести се заразиле со морбили. Четири од нив се лекари на специјализација, една медицинска сестра и вработен на шалтер. Од Детска за телевизија Сител потврдија дека заразените биле невакцинирани или делумно заштитени со само една доза од вакцината. Ниту еден од нив не е хоспитализиран на Инфективна.

-Биле во директен контакт со заболени дечиња или со такви со респираторни инфекции кои биле во период на инкубација вели др. Жарко Караџовски, епидемиолог во Институт за јавно здравје.

Иако како што велат дека Детската клиника е во карантин, односно забранети се посети, сепак ова отвора многу дилеми и прашања како за персоналот на Клиниката, така и за родителите на хоспитализираните деца, но и оние кои имаат потреба да ги однесат таму децата поради други симптоми или болести.

Нема одговор од надлежните како ќе се заштити персоналот кој оди на работа и си заминува, потоа што со оние кои се отпуштени од болница а можни е да се заразени или трае период на инкубација…

Неофицијално, извори кои се упатени во ова велат дека дневен проток на Клиниката е околу 40  деца кои одат на преглед,  а за викенд станува збор за околу 120 на ден или повеќе од 200 деца за викенд. Дополнително, велат упатени, проблем е и што е затворен ургентниот дел, па сите деца минуваат низ амбулантите без разлика дали се дојдени за морбили или за некои други симптоми.

Тука, се поставува уште едно прашање, кое е дилема како за родителите, така и за здравствените работници што се деца кои се со висока температура, тоа е симптом и за грип и за сипаници.

Коронавирус