среда, 22. септември 2021. Вести денес: 8
home Вести

МЗ два дена молчеше за смртниот случај: Еден починат, 92 заболени од коронавирус по целосна вакцинација против Ковид-19

МЗ два дена молчеше за смртниот случај: Еден починат, 92 заболени од коронавирус по целосна вакцинација против Ковид-19

Македонија го регистрира првиот смртен случај на лице кое по примени две дози на вакцина против Ковид-19 заболело и починало во болница.

Курир вчера се обрати до Министерството за здравство од каде потврдија дека во неделата починал маж во тетовската болница.

-Во неделата на 25 јули во КБ Тетово, почина пациент позитивен на Ковид-19. Пациентот бил хоспитализиран на 17 јули и имал низа тешки коморбидитети кои биле пресудни за неговата состојба. Тој бил вакциниран и ревакциниран во јуни, велат за Курир од Министерството за здравство.

И додека Министерството два дена молчеше за починатиот пациент, во понеделник преку социјалните мрежи се огласи пријателка на синот на починатиот маж и откри што се случувало.

-Дури му изразував сочувство дознав дека и тој, како млад човек заразувајќи се со опасниот вирус, тешко се справува со честите влошувања и се наоѓа на кислородна поддршка во тетовската болница, сместен соба до онаа во која татко му ја направил последната издишка. Таа вест дополнително ме загрижи, бидејќи се работи за млад човек со совршена здравствена слика, кој ете, тешко го поднесува вирусот, дури до степен да заврши на болничко лекување и на кислородна поддршка. Во истиот момент кога ги дознавав детаљите за здравствената состојба на мојот колега и пријател, работев вест за тоа дека вакцинацијата е безбедна и дека не постои НИТУ ЕДЕН смртен случај во Македонија со две дози примена вакцина. Изворот секако беше официјалната страна на Министерството за здравство. По објавената вест, мојот колега, кој е моментално во болница, ме информира дека веста е сосема погрешна и дека токму неговиот татко кој вчера почина во тетовската болница имал примено две дози на вакцини, како и неговата мајка која имала примено исто две дози на вакцини, а се разболела и моментално е во тешка здравствена состојба, стои во дел од статусот на Магдалена.

Според изјавата пак, на раководителот на ковид-центарот во Тетово, д-р Гзим Нуредини станувало збор за човек кој имал три потешки хронични болести и дека најверојатно затоа не создал имунитет против Ковид-19.

– Се работи на пациент на 62 годишна возраст, кој имал хронична бубрежна инсуфициенција, висок крвен притисок и кардиомиопатија. Бил вакциниран на 6 јули со „Синофарм“ и бил примен кај нас со тешка клиничка слика и поради и други коморбидитети пациентот почина. По вакцинирањето секако може да се случи инфекција и при имуниот одговор на вакцинацијата можеби имунолошката одбрана не била комплетна или пак, кај пациентот заради овие хронични болести не можел да се креира имун систем против ковид-19. Но, тоа не треба да биде демотивирачко за населението, се уште важи тоа дека е најдобро да се вакцинираат, вели Нуредини.

Од Министерството за здравство не одговорија на прашањето на Курир колку позитивни на коронавирус има по примени две дози на вакцина и во каква состојба се лицата. Министерот за здравство Венко Филипче, вчера на прес-конференција истакна дека од вкупниот број ревакцинирани лица, 92 се позитивни на Ковид-19. Не е познато каква е здравствената состојба на овие лица.

-Процентот на заболени лица кои се ревакцинирани е навистина многу мал, околу 0,02 проценти. Од вкупно 330 илјади ревакцинирани, 92 пациенти се заболени од Ковид-19. Ова е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче уште еднаш апелираше сите граѓани да знаат и да се свесни дека вакцинирањето е единствен начин да се смени сликата за пандемијата.

Коронавирус