понеделник, 2. август 2021. Вести денес: 0
home Вести

Муцунски: Ребалансот на буџетот е кулминација на неодговорното економско работење на владата на СДСМ, јавниот долг е на највисоко ниво, нема инвестиции, нема проекти

Муцунски: Ребалансот на буџетот е кулминација на неодговорното економско работење на владата на СДСМ, јавниот долг е на највисоко ниво, нема инвестиции, нема проекти

Од денес па во текот на наредните неколку денови во Собранието ќе се разгледува Ребалансот на Буџетот за 2021 година. Во оваа прилика би сакал да ја информирам јавноста дека се поднесени вкупно 222 амандмани, од кои 153 се на предлог на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија“. Комисиската расправа ќе трае вкупно 10 дена во кои преку одговорна дебата ќе понудиме соодветно образложени аргументи и објаснувања, потврдувајќи ги фактите дека понудениот Ребаланс е одлика на една неодговорна власт која ниту се обидува, ниту пак сака да размислува стратешки и перспективно и, секако, во интерес на државата и нејзините граѓани, изјави на денешната собраниска говорница Тимчо Муцунски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Јавниот долг во Македонија веќе го достигна највисокото ниво во нашата историја. Сите ние должиме над 7 милијарди евра, што претставува 63% од Бруто домашниот производ. Никогаш не сме биле позадолжени. СДСМ кога ја презема власта јавниот долг изнесуваше 4,7 милијарди евра и беше на ниво од 46%. За само 4 години владеење јавниот долг е зголемен за нови 2,4 милијарди евра. Ширењето на невистини дека каматната стапка денес е пониска отколку пред 5, 10 години со сигурност нема да ни го намалат долгот. Средствата од Буџетот потребно е да се трошат наменски, но секако и да се инвестираат во продуктивни проекти, кои во иднина ќе создаваат дополнителна вредност. Овде би сакал да потенцирам, дека за првпат во историјата на Македонија, јавниот долг е двојно поголем од вкупните буџетски приходи. Едноставно кажано, јавниот долг е толку висок, што за истиот да биде анулиран, ќе биде потребно две години да плаќаме даноци и придонеси кон државата, пензионерите да не добиваат пензија, докторите да не добиваат плата, земјоделците да не добиваат субвенции, да нема ниту денар за изградба на градинки, училишта, болници, спортски објекти итн. Имаме разбирање дека е светска економска криза, но немаме разбирање за недоволниот капацитет, незнаењето и неодговорното однесување на власта. Нудат несоодветни планови за инвестиции, фискална консолидација и разни други предлози, но реалноста е сосема спротивна и загрижувачка. На пример, фискалната стратегија која ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, макроекономските проекции и проекциите за буџетскиот дефицит за периодот до 2026 година е донесена на 1 јуни. Во неа јасно пишува дека буџетскиот дефицит за 2021 година се планира на ниво од 4,9%, за да две недели подоцна на седница на Владата се усвојува предлог за Ребаланс на Буџет со буџетска дупка од 6,5% односно 750 милиони евра, појасни тој.

– Владејачката структура објаснува дека со Ребалансот се зголемувале капиталните расходи. Одлична вест, доколку ова ветување беше дадено од Влада што знае да гради, што ветува и исполнува. Но за жал, пред вистината и бројките и боговите молчат и тешко е граѓаните да се манипулираат. Ако пред 2018 година 10% од Буџетот се трошел за капитални расходи, сега тој процент е околу 6-7%. Нема инвестиции и практично го нема очекуваниот развој. Кога сме кај инвестициите, да ги погледнеме странските директни инвестиции. Нашата држава која пред десетина години беше на врвот по атрактивност за странските инвеститори денес убедливо го држи самото дно. За 2020 година имаме 274 милиони евра. Црна Гора 529 милиони евра, Албанија 1,1 милијарда евра, Хрватска 1,3 милијарда евра, Србија 3,44 милијарди евра. Истовремено имаме исклучително лош резултат, кога е во прашање економската активност. За првите три месеци БДП е понизок за 1,9%, наспроти Србија и Словенија кои имаат раст од 1,6% и 2,3% или Хрватска – 0,9%, вели Муцунски.

Тој посочи дека согласно изнесените податоци би можело да се констатира дека Македонија се наоѓа во длабока економска состојба и дека државата се одржува на кредити, кои во иднина ќе треба сите ние да ги исплаќаме.

– Познатата поговорка од епопејата „Илијада“ гласи “Не им верувајте на Данајците дури ниту кога дарови носат”. Сведувајќи го тоа на реалноста во наше време би можеле да го произведеме во заклучокот дека не треба да им се верува на владините коалициони партнери кога ветуваат намалување на ДДВ на струја, не треба да им се верува кога најавуваат еколошка такса, ни кога делат ваучери на разни групи на наши граѓани. ДДВ на струјата ќе се намали, но сметките ќе останат исти. Вчера Регулаторната комисија за енергетика најави покачување на цената на струјата за нови 12,5% по минатогодишните 7,5%. За да не се почувствуваат веднаш тие 12,5% ќе ви се намали ДДВ-то во период од една година. Но, од идната година и од 2023 година, сметките за струја ќе станат драстично поголеми. Тоа е така, затоа што ЕЛЕМ реди загуби, поради сомнителни тендери кои се делат на фирми блиски до власта, бројни вработувања, пред се неодговорно работење.
Се воведува еколошка такса од 4 денари под изговор дека сме имале најниски цени на горивата во Европа и дека парите ќе се инвестирале во зелена агенда. Дали знаете, што друго е најниско освен цените на горивата? Платите. Во Словенија 1 литар дизел гориво е околу 1,2 евра, но таму просечната нето плата е 1279 евра. Со просечна плата може да се купат 1000 литри гориво. Колку може во Македонија? Тоа граѓаните го знаат најдобро. Овие 4 денари нема да се почувствуваат само на бензинските станици, туку и во продавниците каде што сите ние сме крајни потрошувачи. Храната и останатите продукти што ги купуваме во маркетите ја носат транспортни компании кои исто така ќе ја плаќаат оваа такса. Во однос на тоа дека парите ќе биле наменети за зелен фонд, имам некои дилеми и прашања. Доколку се приберат 27 милиони евра од еколошка такса, тогаш зошто новоотворената програма Зелен развој „тежи“ само 11 милиони евра? Каде се останатите 16 милиони евра. Дополнително загрижувачки е што никој не знае за што ќе се потрошат ниту тие 11 милиони евра кои наводно ќе ги наменат за Зелен развој. Наводно Генералниот секретаријат на Владата ќе достави програма до Владата како ќе се трошат овие пари. Почитувани, ова не е еколошка такса, ова е кризен данок. Државата е задолжена како никогаш досега, а буџетската дупка постојано се зголемува, дециден е тој.

Муцунски тврди дека делењето ваучери стана пракса на оваа Влада и при тоа секако треба да се има во предвид фактот дека тие пари владината коалиција не ги дава од својот џеб, туку ги обезбедува преку плаќање на даноци на граѓаните и компаниите.

– Ваучерите беа и се потребни, за оние кои поради Ковид кризата не можеа да работат или имаа драстично намален обем на работа. Но, на граѓаните им се потребни работни места, затоа што од ваучери не се живее. Кога сме кај работните места, загрижувачки е податокот од Агенцијата за вработување дека од почетокот на пандемијата веќе над 50 илјади граѓани се регистрирале како невработени. Овој број може да се намали ако компаниите имаат сигурен партнер во Владата. Велам сигурен партнер, затоа што оваа Влада покажа дека единствено што знае е, само да зголемува даноците и давачки, а да дели пари само на некои. Велам сигурен партнер, затоа што оваа Влада потпирајќи се на популизмот, ќе затвори бројни компании, а со тоа и голем број на работни места. Прашајте ги стопанските комори што мислат за одредени законски измени кои се најавени и какви ќе бидат ефекти на таквите измени во однос на економијата. Ова е само мал дел од аргументите што ќе ги изнесеме на комисиската расправа во наредните денови. Пред нас е Ребаланс кој претставува кулминација на континуираното неодговорно однесување во економијата од страна на владата предводена од СДСМ и нивните партнери. Негативните последици од актуелните и најавени економски политики со голема веројатност ќе се чувствуваат и во блиска иднина. Затоа, за четири месеци од сега граѓаните имаат избор дали „Македонија за сите луѓе“ или „Македонија на СДСМ и нивните партнери и поддржувачи“, додаде пратеникот Муцунски.

Коронавирус