вторник, 18. февруари 2020. Вести денес: 79
home Вести

Муцунски: Процесот на евроинтеграција за Заев беше трансакциски процес

Муцунски: Процесот на евроинтеграција за Заев беше трансакциски процес

Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, при гостувањето во телевизија „Алсат“ изјави дека за разлика од поранешниот премиер Зоран Заев и сите негови клучни министри, не го гледа процесот на евроинтеграција како еден трансакциски процес.

-Процесот на евроинтеграција е методологија и начин кој што вие ќе имплементирате највисоки вредности и стандарди на Европската унија. По мене, два договори коишто во својата содржина, ако зборуваме за Преспанскиот Договор, негира право на самоопределување и самоидентификација, или ако го погледнеме Договорот за добрососедство со Бугарија којшто може да има прогресивни елементи кога се однесува на економскиот развој, но има тотално регресивни елементи поврзани со преразгледување на нашата национална историја, да видиме каква историја сме учеле и дали треба таква историја да учиме, по мене тоа не се европски вредности и јас мислам дека таков трансакциски пристап во процесот на пристапување на Европската унија нема да ја стави Македонија на брза патека, дециден беше Муцунски.

Тој изјави дека не се согласува со Меркел во врска со Преспанскиот договор поради природноста на демократијата во сестринските партии и во политиката. За него, како што рече тој, договор којшто удира во личното право на самоопределување и промена на уставното име не е прогресивен и не води напред.

Според Муцунски, негативните импликации што ги носи Договорот со Грција допрва ќе се чувствуваат.

-Јас мислам дека има начини на кои што може да се води добрососедска политика базирана на вредносен систем којшто гледа напред и кон развој, а не кон отварање, според мене, дополнителни проблеми, а паралелно со тоа и повреда на националните чувства на граѓаните коишто живеат во оваа земја. Граѓаните треба да бидат спокојни и да знаат дека надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде фокусирана на решавањето на стратешките цели поврзани со Евроатланската интеграција и ќе работи силно, не само со своите соседи туку и со севкупната глобална заедница за да донесе напредок во нашата земја, најави Муцунски за идните планови на партијата ВМРО-ДПМНЕ во однос на надворешната политика.