сабота, 31. јули 2021. Вести денес: 0
home Вести

Мото протестен караван против одлуката на Управниот суд за рудникот Иловица-Штука

Мото протестен караван против одлуката на Управниот суд за рудникот Иловица-Штука

Со караван од патнички моторни возила активистите против отворањето на Рудникот Иловица-Штука го искажаа својот протест. Со звуци на сирените, македонски знамиња и со мото „Управен суд ја искриви, Виш управен да ја исправи“, стотина возила поминаа низ две маршрути низ градот.

Според организаторите, целта на протесното собирање е изразување на незадоволство од пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката на Второстепената владина комисија за одбивање на дозволата за работа на концесионерот „Еуромакс“.

-Ние сакаме некој да не слушне и да стави точка на сета ова работа. Ние не се закануваме, затоа што е дојдено времето. Ако некои работи не поминале со убаво и со зборување, тогаш некои работи треба да се стават на виделина и да видиме кои сме, што сме и кои работат за доброто, а кој за злото на народот. Во секоја партија има поединци кои се замешани во тоа. Тоа е јавна тајна и треба да се расчисти. Тоа зло мора да прекине, рече Стојан Велков Трн од Здружението „Здрава котлина“.

Според Милена Зафирова пресудата на Управниот суд била донесена без знаење на јавноста.

-Тројцата судии од Управниот суд замижаа пред сите неправилности, пред сите пробивања на рокови од страна на инвеститорот и одлучија за таква пресуда и притоа ја криеја од граѓаните. Нашите активисти требаше да ја најдат пресудата на канадски сајтови и дури по еден и пол месец, под огромен притисок од јавноста, решија да ја објават на официјалниот сајт на Управниот суд, рече Милена Зафирова од „Здрава котлина“.

Додаде дека ќе продолжат понатаму и доколку не ја заврши работата државниот правобранител, кој е адвокат на државата и не поднесе жалба, а Вишиот управен суд не ја реши состојбата, тогаш немале друг избор освен да ја бараат правдата пред меѓународните судови.

-Граѓаните многу пати досега се изјаснија преку референдуми и 98 отсто од луѓето кои излегоа на референдум беа гласни и одлучни и рекоа дека рудници во југоисточниот регион нема да има, додаде Зафирова.

Протестот заврши во центарот на градот со говор на активистиката Оливера Аризанова Мансбарт.

Коронавирус