понеделник, 9. декември 2019. Вести денес: 35
home Вести

Морина излезе од Шутка, замина во Косово

Морина излезе од Шутка, замина во Косово

Не се исполнети условите Томор Морина да се екстрадира во Србија. Освен Кривичен, иста одлука донесе и Врховен суд. Поранешниот припадник на косовска ОНА, доцна попладнево излезе од притвор од Шутка и замина за Косово. Со автомобили на косовската амбасада во Скопје тој беше пренесен до граничниот премин Блаце, од каде со неговите пријатели, кои исто така допатуваа во Скопје со свои автомобили замина дома.

Во реакцијата на косовскиот амбасадор во Скопје Ѓерг Дедај се вели дека правдата победила и воедно им се заблагодари на институциите во Северна Македонија за соработката. Томор Морина е добро и имал коректен третман во затворот во Шутка, велат неговите пријатели.

Пуштањето на слобода на Морина доаѓа откако Врховниот суд го потврди решението на Кривичниот суд дека не се исполнети условите за негова екстрадиција во Србија. Во образложението на решението е наведено дека лицето Морина чија што екстрадиција се бара, е државјанин на Косово и на Велика Британија, а не државјанин на Србија која бара екстрадиција додека пак, кривичното дело за кое се бара екстрадиција на лицето е сторено на територија на Косово ставено под власт на Обединетите нации со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации од 10.06.1999 година, независно од 2008 година, која независност е признаена и од страна на Република Северна Македонија. Во образложението се наведува дека Косово е независно од 2008 година и дека Република С. Македонија ја признава таа независност.

Поради овие причини Судот утврдил дека не се исполнети законските услови за Морина да биде екстрадиран, а Врховниот суд го потврди решението. Со оглед на тоа дека беше во едно од возилата на амбасадата, Томор Морина не даде изјава. Во негово име пред камерите зборуваше еден од неговите пријатели.