сабота, 22. февруари 2020. Вести денес: 51
home Вести

МОН: Општина Гостивар незаконски разрешува и назначува директори на училишта

МОН: Општина Гостивар незаконски разрешува и назначува директори на училишта

Министерството за образование и наука соопшти дека е должно да преземе законски мерки за привремено одземање на надлежностите на Општина Гостивар за именување и разрешување директори на општински средни и основни училишта затоа што Државниот просветен инспекторат (ДПИ)  при инспекциски надзор утврдил  идентични неправилности за кои на Општина Гостивар еднаш веќе ѝ беа одземени ингеренции во образованието.

По вчерашната реакција на гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, МОН денеска во соопштение наведува дека тој не ги почитувал законските одредби во постапките за назначување и разрешување на директорите на основните и средните училишта.

МОН појаснува дека разрешувањата на директорите, според она што го утврдил Инспекторатот, биле извршени без процедури предвидени со закон, а новите директори не ги исполниле условите и критериумите за позициите и биле назначени со непочитување на законот.

-Исто така, констатирани се состојби кога одредени директори беа разрешени дури во два наврата од страна на градоначалникот – првиот пат без да се почитуваат постапките и, по забелешките на Инспекторатот, Таравари ги врати на должност за да ги разреши по шест дена, без почитување на постапката. По првото разрешување на директорите, Инспекторатот утврди дека се именувани директори кои не ги исполнуваат условите согласно законот и тие лица, кои не ги исполнувале условите, биле повторно именувани како директори дури и по второто разрешување на законски избраните директори, наведува МОН констатирајќи, како што вели „со жалење“, дека во Гостивар се повторува истата состојба од претходната година, иако МОН  ѝ ги врати на општината надлежностите откако првиот пат беа отстранетите неправилностите.

МОН нагласува дека преземените мерки имаат дефинирани рокови и важат до отстранување на неправилностите и го повика градоначалникот на Гостивар да не обвинува заради политички цели и да не ја вклучува политиката бидејќи, како што додава во соопштението, во оваа ситуација штета им се нанесува единствено на учениците и на воспитно-образовниот процес.