четврток, 19. септември 2019. Вести денес: 120
home Вести

МОН: Ако има основа, Алијанса за Албанците да поднесе пријава за учебниците

МОН: Ако има основа, Алијанса за Албанците да поднесе пријава за учебниците

Министерството за образование и наука (МОН) вечерва, преку соопштение до медиумите, апелира Алијанса за Албанците да не шири невистини и лажни вести поврзани со откупот на учебниците, туку ако има каква било основа, да поднесе пријава до надлежните институции.

– Договорите со издавачките куќи за откупот на учебници се во целосна согласност со позитивните правни прописи во земјата. И оваа година, како и изминатите, почнувајќи од 2009-та, спроведовме единствена законска постапка за откуп на учебници во основното и средното образование во целосна согласност со законските решенија. Оваа постапка се спроведува од учебната 2009/2010 година до оваа учебна година 2018/2019, наведува МОН.

Откупот на учебници, според МОН, е спроведена од страна на сите министри кои биле во периодот од донесувањето на Законот за учебниците во основно и средно образование, од 2008 година до денес.

– Станува збор за периодот кога со Министерството за образование и наука раководеле Никола Тодоров, Панче Кралев, Спиро Ристовски, Абдулаќим Адеми, Пиштар Љутфиу и Рената Дескоска. Единствената разлика е што оваа година при преговорите со издавачките куќи, постигната е откупна цена која е за 40 отсто пониска во однос на минатите години за учебниците кои се откупени за целосен тираж.

Имајќи ги предвид транспарентноста, отчетноста и одговорноста, МОН, како што соопшти, им стои на располагање на сите граѓани, граѓански организации, политички партии и чинители, за доставување дополнителни и детални информации.

– Вратите се отворени и стручните служби во секој момент се подготвени да одговорат на сите лажни обвинувања, какви што изнесе денеска опозицијата, подвлекува МОН. (МИА)