среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 13
home Вести

МОЈАТА ГАЛИЈА (нешто сосема лично)

МОЈАТА ГАЛИЈА (нешто сосема лично)

Пробиштип е град без река, па сепак, за некој кој е роден и сиот свој живот живее и работи во него, го сметам градот како свое пристаниште. Тука ми е, што се вели – и срцето и сидрото.

Првото нешто што ќе го видите кога се доближувате до градот, е големиот оџак на старата термоцентралата. Оддалеку личи на прегорен светилник – уште една причина што градот го чувствувам како пристаниште.

Секогаш кога ќе го видам оџакот, ми текнува на една песна од рок групата „Галија“ – „Дали си спавала“. Можеби зашто растев во златното доба на југословенскиот рокенрол и имав седумнаесет години кога бендот го лансираше овој хит во 1988 година.

Тоа беа најубави години за една младост. Испадна, дека беа најубави и за бендот и за земјата во која зреевме. Тоа е она, кога сè ќе се совпадне.

Ако тогаш речевте мојата земја или мојата татковина се знаеше точно на која земја се мисли. А се мислеше гордо и се кажуваше гордо. Не беше како сега, избраници од народот да се срамат да го кажат името на својата земја, името на татковината на своите избирачи и вековното име на предците.

Како повеќето од мојата генерација, така и јас мислев дека „Дали си спавала“ е уште една љубовна балада. Многу подоцна дознав дека во песните на „Галија“ се меша  љубовта кон земјата. Таква е итрината на Радоман Кањевац (авторот на многу песни од „Галија“, како онаа погоре). Има таму еден стих, кој вели: „Дали си сонувала како се руши Авала?“

И навистина, после единаесет години како да се оствари пророштвото во песната, Авала беше срушена. Ќе поминат уште единаесет години за да се обнови кулата, повисока од порано. Но зошто го пишувам сево ова?

Поради симболиката: на песната и гордоста на кулата со гордоста на мојот град и гордоста на мојата земја. И неразделно – нашето место во таа симболика.

Како што за жителите на Белград кулата на Авала е патоказ дека се блиску до дома, така за Пробиштипјани тоа е оџакот на старата термоцентрала на влезот од градот.

Гордоста на Авала беше срушена. И гордоста на мојот град беше срушена во годините на транзицијата. А тогаш се случи 2009 година: една година пред обновата на Авала. Ја добив честа да им служам на моите сограѓани, како градоначалник на Пробиштип. Чест која ми беше доверена двапати.

Но за мене тоа беше повеќе од чест. Беше единствена можност да се раздолжам како жител на овој град пред оние кои го подигнаа градот, буквално од под земјата.

Ако некогаш сте биле на оние стари рокенрол свирки (во случај да сте доволно стари за стариот добар рокенрол) сте ја почувствувале магијата кога неколку луѓе од бендот во неколку чекори допираат до срцата на сите луѓе во салата. Не знам дали денес тоа се случува со новите бендови. Но во онаа 2009 година ја добив можноста да бидам во тие „неколкумина“,  на една поинаква бина. Бина што обврзува. Имав можност да допрам до луѓето пред бината. До сите оние што носат тежини врз главите, како под земјата (рударите), така над земјата. Да го изнесам градот на „отворено“.

Се разбира, како и земјата, градот не можеше да излезе на море и да стане пристаниште во вистинска смисла, но затоа како негов „татко“ по должност, успеав да го решам тридеценискиот проблем со недостигот на вода за пиење.

Со пречистителната станица во склоп на изградбата на браната Кнежево трајно се реши проблемот со водоснабдување во целиот регион. Тоа беше голем чекор за Пробиштип и не помал пример дека е можно да создадете оаза и во опустен предел, ако не го користите постојано изговорот дека сте помали и послаби наспроти поголемите и посилните.

Денес истите овие изговори се користат да се оправда потпишувањето на асиметрични и поразителни договори со соседите кои ги еродираа темелите на државотворноста. Во годината што измина гордоста на Македонија е „бомбардирана“ однатре. Денес сме навистина – и помали и послаби.

„Светилникот“ во мојот град, како и термоцентралата, одамна не се во функција – не чадат.

Но затоа луѓето од овој град како да „исчадуваат“ – се иселуваат во потрага по подобар живот. Пробиштип е мала слика за Македонија – кога е тешко се потпира на своите печалбари. За жал, сè помалку од нив се враќаат… а зошто и би се вратиле? Оваа власт, и централна, и локална, не понуди ништо за да го запре или барем да го намали иселувањето. Не само што не направи ништо за тоа, туку напротив, со својата лоша политика, со своето (не)работење, безидејност, немање визија не остави простор некој да ја планира и гради својата иднина тука, во Македонија. Една стара поговорка вели „За да веруваат другите во тебе, треба најпрвин самиот да веруваш во себе“. Со фаталната изјава на претседателот на државата дека и тој самиот би се отселил од државата доколку би бил „обичен граѓанин“ а не претседател, по втор пат се отвори Пандорината кутија и се изгубија надежта и копнежот (кои единствени останале затворени внатре) на „последните борци“ во државата кои веруваа во подобро утре. Тажни се петочните вечери, тажни се неделните утра, тажна е гимназијата во Пробиштип во која едвај се оформуваат две/три паралелки годишно. Но најтажни од се сè разговорите кои се водат помеѓу младината во кои главна тема е заминувањето во друга држава.

Да, власта „гради“ патишта – за невраќање. Патишта на кои се (из)губи човечкото достоинството и гордоста да се биде Македонец. Такви патишта никогаш не сакав за мојот град и за мојата земја.

На Македонија и се потребни патишта по кои Европа ќе влезе во Македонија, а не обратно. Патишта по кои ќе го врати изнесеното знаењето со оние што заминале.

Да стане „пристаниште“ за секој свој граѓанин да се чувствува во неа слободен, како галија. За таква галија сакам да сонувам, а не за галија што крстосува по светот да војува за туѓи интереси…

Авала е симбол на срушена гордост која е повторно изградена. Зошто и Македонија да не ја изгради повторно својата гордост? Не е првпат да ја рушат од внатре. Нема да биде првпат да се крева од дното. Имаме доволно „вода“. Имаме и „галии“ за пловидби. Треба само да сакаме. Само да ја сакаме оваа земја.

 

Тони Тоневски

Коронавирус