вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 55
home Вести

Младите се почестo и кажуваат „збогум“ на својата татковина

Младите се почестo и кажуваат „збогум“ на својата татковина

Се’ почесто меѓу младите во Македонија можат да се слушнат разговори за нивните искуства со работа во странство. Рекламите на агенции кои посредуваат при вакви патувања, уште од есенските месеци се изложени по билбордите низ градовите и на социјалните мрежи, а интересот за работните понуди, велат од агенциите, постојано расте. Америка и Германија се истакнуваат како едни од најатрактивните работни дестинации меѓу нашите млади. Сепак, овде се наметнува прашањето, зошто младите одбираат да платат стотици евра за да заминат на работа во странство, наместо истото време да го поминат работејќи во нашата држава? Одговорите на ова прашање, иако варираат, сепак во неколку точки се преклопуваат.

Во разговор со неколкумина наши студенти кои барем еднаш имаат заминато на работа во странство, сите различна година на различни факултети во Скопје, успеав да дознаам неколку од причините за нивното заминување. Велат, најпрвин, привлечен за нив бил предизвикот којшто го претставува самото заминување во друга држава, дали сами или со неколку блиски пријатели или колеги. Од постојаното живеење со нивните родители, ваквата промена влијаела доста позитивно на нивната личност. Им пораснала самодовербата, вештините за менаџирање на финансиските стредства кои ги поседуваат им зајакналe, но добиле и прв увид во тоа како животот изгледа кога живееш сам и заработуваш за себе. На ова се надоврзува желбата да се спознае туѓата култура, одблиску да се искуси начинот на живот на луѓето во другите држави, да се прошетаат местата кои ги гледале на филмови или за кои читале на Интернет, и на крај, едноставно да ја разбијат монотонијата која неутешно се провлекува низ постојаното живеење и студирање во Македонија. Сепак, покрај сите овие социјални и лични бенефити кои произлегуваат од работниот престој во друга држава, финансискиот аспект сите го издвоија како најважен. Него го наведоа и како најголемата причина зошто нивниот избор бил пат во друга држава наместо работа во Македонија.

Работните позиции кои ги добиле во странство, како моите соговорници, така и голем број од сите останати студенти кои заминуваат, подразбираат работа во ресторани за брза храна, кафулиња, голф ресорти, аква и забавни паркови, продавници за сувенири или големи супермаркети, хотели и слично. Сите овие работни позиции, со, можеби, исклучок на неколку, се достапни и тука, особено како привремено вработување за време на летните месеци. Сепак, разликата, велат младите, е во платата која се добива за работата.

На оваа тема разговарав со млади кои веќе работеле во нашата држава за време на летото. Од нивните искуства, за работа како шанкер во кафуле или ресторан во Скопје, дневниците во просек се движат од 500 до 800 денари, некогаш и повеќе, (иако овие случаи се доста ретки) во зависност од локацијата на локалот, бројот на гости на дневно ниво и слично. Кафуле/ресторан во центарот на Скопје може да плаќа и над 800 денари дневно, додека оние кои се наоѓаат на периферијата на градот плаќаат дури и 50 проценти помалку од оваа сума. За споредба, за истата работна позиција во Starbucks, реномиран бренд за продажба на кафе во Америка, според искуство на еден од моите соговорници и информации кои ги добив истражувајќи на Интернет, дневницата за осум часовно работно време изнесува нешто над 4.000 денари, односно 75 американски долари. Со ова доаѓаме до заклучок дека разликата во дневници меѓу работа како шанкер во Македонија и истата работна позиција во Америка е некаде околу 3,500 денари. Секако, Старбакс е само еден пример, постојат и други кафулиња кои можеби плаќаат и помалку пари, но сепак, разликата на крајот од пресметка е евидентна.

Сепак, многумина млади кои одат во Америка не остануваат со само една работна позиција. Огромен дел од нив веднаш по пристигнувањето бараат барем уште една работна позиција, за, како што велат, да ги покријат трошоците за живот, кои неретко се повисоки од трошоците кои би ги имале во Македонија, а сепак, на крајот од престојот да имаат пари кои ќе ги вратат дома. Секундарните работни позиции не се разликуваат од примарните и подразбираат, повторно, работа во кафуле, ресторан, хотел, ресорт и слично. На овој начин, младите ги покриваат сите свои трошоци за живот таму, а на крајот сепак им остануваат доволно пари за да го вратат примарниот влог (кој за патување во Америка изнесува некаде околу две илјади евра, но може да варира, во зависност од местото на кое се патува), да се прошетаат низ местата на кои сакале, неретко и да си купат облека, технологија и слично, а сепак да останат со одредена сума на пари која понатаму ќе ја искористат за потребите кои ги имаат во Македонија, како уплати за семестри, книги, трошоци за живот и слично.

Работата во Германија, сепак, е малку поразлична од Америка, иако на крајот резултатот е генерално ист. Од разговорот со студентка на Економскиот факултет во Скопје, која веќе еднаш има заминато во Германија, дознав дека таму можноста за втора работа е исклучена, поради тоа што визата која се добива покрива само една работна позиција. Нејзиното работно место било во ресторан за италијанска храна во градот Киел, каде платата по час изнесувала нешто помалку од 9 евра, за работно време од 8 часа дневно, кое некогаш знаело да се искачи и до 11 часа на ден. Според овие информации, разликата меѓу работа како келнер во Македонија, работна позиција која во просек носи од 400 до 600 денари дневно, и слична работна позиција во Германија (слична поради фактот дека busser – човек кој ги расчистува масите во еден локал како работна позиција во Македонија не постои, туку се поклопува со работата која ја врши келнерот) изнесува, повторно, околу 3,500 денари за осум часовно работно време. И покрај тоа што можноста за втора работа и била исклучена исклучена, мојата соговорничка вели дека првичниот влог за патувањето, кој изнесувал некаде околу 300 евра (влог, кој повторно, варира во зависност од град, избор на агенција и слично) го вратила, успеала да се прошета со своите колеги низ околните поголеми градови, а сепак и останале доволно финансиски средства за да си ги покрие трошоците за живот и студирање, секако, на одреден период, во Македонија.

И покрај напорноста на целото патување, како и големиот број на проблеми кои можат да се јават при еден ваков потфат, оваа моја соговорничка, како и останатите, велат дека со задоволство би се вратиле барем уште еднаш на работа во странство.

По разговорите со младите студенти и пресметките кои успеав да ги направам, базирани на информации од Интернет и нивните искуства,  јасен е заклучокот дека работата во странство преку лето, во многу аспекти е далеку поисплатлива одошто онаа во Македонија. Разликите од неколку илјади денари дневно, но и останатите бенефити како искуство, вежбање на странскиот јазик кој младите неретко го учат пред патувањето, и другите, карактерни придобивки кои доаѓаат со работното патување во странска држава се причините поради кои младите Македонци решаваат да вложат одредени суми на пари за да отидат на работа во странство во летните месеци. Според сето ова може единствено да се заклучи дека Република Македонија би требала доста да порасне, најпрвин економски, да би можела, со својата работна понуда, да ги задржи младите својот работен потенцијал да го исполнуваат во нејзините граници, наместо тоа да го прават во надвор.

Извор: skopjeinfo.mk

Коронавирус