вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 2
home Вести

Младеноски: Во споредба со резултатите од минатогодишните локални избори СДСМ во Прилеп изгуби над 3.000 гласови

Младеноски: Во споредба со резултатите од минатогодишните локални избори СДСМ во Прилеп изгуби над 3.000 гласови

На 30-ти народот кажа не, за погубните политики од СДСМ! Иако на еден дрзок начин, со манипулативно прашање под превезот на НАТО и ЕУ, сакаа да го прелажат, народот покажа мудрост, достоинство, одбивајќи да биде учесник во предавството за смена на уставното име, идентитетот, историјата и традицијата, истакна Иванчо Младеноски од ОК Прилеп на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека само во Прилеп, СДСМ на овој референдум изгуби над 3.000 гласови, споредено со минатогодишните локални избори.

-Поточно, на овој референдум ЗА гласаа 20.451 граѓани, а на локалните 23.607, што значи овој пат СДСМ доби 3.156 гласа помалку од локалните избори. Народот ја препозна предавничката политика на СДСМ, како на централно така и на локално ниво. После погубниот договор со Бугарија, со кој се бришеше македонската историја, следуваше уште еден погубен договор со Грција, кој требаше да резултира со смена на име, идентитет, смена на учебници по историја, додавање фусноти на македонскиот јазик, негирање на сето историско минато, традиција и култура кои се нераскинлив дел од ова парче земја. Матните тендери и огромните суми разделени по блиски функционери, секојдневните милионски задолжувања кои не вродија со позитивни резултати, големите лаги за 500 евра плата, 100.000 денари за докторите, се работите кои оваа Влада им ги понуди на граѓаните, нагласи Младеноски.

Тој додаде дека за само една година народот ја препозна политиката на евтин популизам, непотизам, вработување на најблиските роднини и пријатели по партиски клуч во Општина Прилеп, УЈП и други јавни институции.

-Прилеп кој некогаш важеше за еден од најубавите и најчисти градови во Македонија, го изгуби препознатливиот сјај гушејќи се во смрдеа, без ниту една инвестиција и отворање нови работни места, со оштетени парковски површини и стопирани проекти. Потсетуваме, да не беа започнатите проекти, а некои и речиси целосно завршени од време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ќе немаше локалните функционери од СДСМ, со што да се пофалат пред граѓаните на Општина Прилеп. Народот секојдневно сведочи за неспособноста на оваа влада и токму поради тоа рапидно опаѓа поддршката за злото наречено СДСМ. Македонија ќе продолжи да чекори по вистинскиот пат. Но за да се случи тоа мора оваа влада мора што поскоро да замине во историјата! Македонија ќе победи, вели Младеноски.