Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи го посети мајката и синот од Велес кои живеат во ужасни услови и на кои итно им е потребна помош од државата.
-Го посетив домот на Јордан Јованов и неговата мајка Анѓелина затоа што условите во кои живеаат се загрижувачки. Очајно им е потребна помош и веднаш се заложувам да помогнам со еднократна парична помош. Исто така и од Центарот за социјални работи во Велес ќе побарам веднаш да ги посетат и да се разгледа можноста за користење на правото за социјална пензија или годишен минимален приход.
Мило ми е што веќе неколку приватни фирми се јавиле да понудат директна помош за станбениот дел, напиша Мизрахи на Фејсбук.
Инаку, мајката Ангелина преживеала тежок мозочен удар кој ја врзал за кревет, а синот Јордан својот живот го посветил на грижа за својата болна мајка.
Тие живеат со само 11.000 денари, кои ги добиваат како нега и надомест за намалена мобилност.
Досега никогаш не побарале помош, ова е првпат.