четврток, 28. јули 2022. Вести денес: 181
home Вести

Митева: Власта одби експерти на ВМРО-ДПМНЕ во тимот на надворешни работи, затоа што ќе се откриеше за што преговараат со Бугарија

Митева: Власта одби експерти на ВМРО-ДПМНЕ во тимот на надворешни работи, затоа што ќе се откриеше за што преговараат со Бугарија

„Причината поради која што се случуваат сега овие какафонични изјави лежи во тоа што планот на Социјалдемократскиот сојуз по однос на предлогот бил малку поразличен од тоа што сега се обидуваат да го презентираат во јавноста. Односно, при оние телефонски разговори или договарања јасно кажале дека ги прифаќаат сите услови кои што се предвидени во предлогот само да се отпочне првата меѓувладина конференција. Со тоа што од Социјалдемократскиот сојуз се надевале дека истиот ќе биде брзо изгласан во бугарското Собрание. Но, меѓутоа во бугарското Собрание состојбите тргнаа во друга насока, имено му се изгласа недоверба на  премиерот Петков, И заради тоа имаше повеќе време јавноста да се запознае со предлогот кој што всушност Ковачевски, Бујар Османи и Маричиќ сами го договарале и го создале“, истакна Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Ќе има ли владина одговорност за трајното нарушување на националните интереси?“.

Митева потсети дека власта се обидуваше да го сокрие предлогот од јавноста.

„Времето е најдобар показател за состојбите, па чувствувам обврска да ги потсетиме граѓаните дека како политичка партија понудивме четири тима во четири клучни области, меѓу кои една од нив беше и надворешната политика каде што луѓе се добри познавачи на надворешната политика ќе бидат дел и ќе помогнат на оваа Влада во преговорите. Меѓутоа од денешна перспектива можеме да заклучиме зошто истиот беше веднаш одбиен, најверојатно од власта не сакале одблиску да ги видиме состојбите за што тие лично преговараат и договараат“, заклучи Митева.

Таа посочи дека националните интереси власта ги наруши. И своите соговорници ги запраша кои се можните решенија што Македонија треба да ги преземе за да ги подобри преговарачките позиции и да ги поткачи на едно прифатливо ниво за разлика од тоа на кои позиции е денес државата.

„Тоа што е карактеристика на Владата на СДСМ и ДУИ е што тие почетокот на преговорите со ЕУ и тој фамозен датум не го претставуваа само како свој политички приоритет туку го претставуваа и го издигнаа на едно ниво на фаталност. Од самиот момент ние имаме реклами за ЕУ, имаме референдум на кој што едно од прашањата е дали сакате да го усвоиме тој и тој договор со цел да станеме членка на ЕУ, имаме фотографија од премиерот, од Бујар Османи и од клучните актери кои што ја соопштуваат на јавноста како историски успех за патот на Македонија кон ЕУ и дека сме добиле датум. Па дури и имавме разно разни билборди за бесплатно здравство, бесплатни вакцини, бесплатно образование во ЕУ за секого итн.“, потсети Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски посочи дека новиот концепт треба да биде инклузивен и доколку се случи смена на премиерот со сегашното мнозинство или смена на премиерот и неговиот тим преку нови избори со ново раководство и ново мнозинство кое што би добило доверба од граѓаните, тогаш треба сите партии без разлика кој е на власт и кој е на опозиција заеднички да одговорат на прашањето врз основа на податоците кои што ги има во телеграмите на МНР, кога ќе се случи следното полноправно членство и проширување на ЕУ.

„Мора да се стави крај на фаталистичкиот однос. А, кон фатализам посегаат или не се имуни на фатализам фрустрирани политичари, политичари кои го гледаат сопствениот, а не државниот и националниот интерес, политичари кои политиката ја сфаќаат како бизнис сфера, политичари олигарси, политичари кои се уморни веќе од товарот на моќта мислам особено на политичарите кои што произлегуваат од ДУИ. И тука би ги спомнала и политичари кои ЕУ ја доживуваат како Ел Дорадо, како совршена заедница догма иако врни политиколози зборуваат за проблемите внатре во ЕУ“, појасни Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа потсети дека сегашната власт ги доби претседателските избори, парламентарните избори па дури и се обидуваше на локалните избори со реториката за ЕУ и Брисел, дека Македонија само што не добила датум.

„Во контекст како понатаму, јас сметам дека Македонија сама по себе претставува сопствен автентичен вредносен систем со сите недоследности, со сите слабости, цивилизациски градени низ вековите, хармоничен спој на просторот и времето и сега го имаме како таков. Тој не е идеален, и има многу проблеми, но проблемите произлегуваат од тоа кога политичката интерпретација навлегува во категории во кои што не е дозволено политиката да ги интерпретира. Тука е проблемот. Ние мораме да го надградуваме нашиот македонски вредносен систем. Мораме да создадеме амбиент и тоа во институциите, да продолжиме со стриктна поделба на власта – претседател, извршна власт, законодавна власт и судска власт. Реформи се потребни во правосудството, во здравството, градење на економскиот систем во смисла на нова инфраструктура. И сето тоа претставува наша македонска автентична домашна задача и таа мораме да си ја сработиме“, нагласи Марјан Ѓорчев.

Ѓорчев додаде дека целта на Македонија е наградување на вредносниот систем.

Коронавирус