среда, 23. октомври 2019. Вести денес: 0
home Вести

Митески: Марин е доказ за лицемерието на СДСМ, криејќи од јавноста донесоа одлука за изградба на нови згради во Аеродром

Митески: Марин е доказ за лицемерието на СДСМ, криејќи од јавноста донесоа одлука за изградба на нови згради во Аеродром

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Златко Марин и ограноците на картелот во Аеродром, нетранспарентно, без претходна консултација со жителите на општината, носат нови урбанистички планови со кои се предвидува изградба на огромни станбени блокови.

-Дали Златко Марин под притисок на урбаната мафија против која ветуваше дека ќе се бори го става интересот на граѓаните на страна? Во четвртокот мнозинството во Советот на општина Аеродром предводено од СДСМ на шверцерски начин донесе нов детален урбанистички план за просторот покрај Булевар Трета Македонска Бригада, со кој се предвидува изградба на 4 нови станбени блокови со површина од над 90.000 м2 површина, изјави Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој кажа дека тоа се 4 нови висококатници, од кои 2 нови станбени згради со висина од 8 ката и 40.000 м2 површина и две нови деловни згради со висина од 5 ката и 50.000 м2 површина.

-Овој урбанистички план е донесен со криење од јавноста. Златко Марин и советниците од картелот на власт преку предлагање дополнителна точка на дневен ред ја заобиколија јавноста и на мала врата донесоа одлука за изградба на нови згради во општината. Златко Марин треба да одговори, зошто беше потребно целото брзање и за чии бизнис интереси се работи? Кој треба да го добие бизнисот за изградба на над 1000 нови станови во Аеродром? Златко Марин во предизборието додека се бореше за гласовите на аеродромци ветуваше брда и долини, ветуваше дека ќе работи транспарентно и во интерес на граѓаните. Сега наместо во интерес на граѓаните гледаме дека очигледно работи за интересите на некој друг. Ова е одраз на лицемерието на СДСМ и нивниот игнорантски однос кон потребите на граѓаните, изјави Митески.

Митески кажа дека ова е лицемерието на СДСМ, едно зборуваат додека се борат за гласовите на граѓаните, друго од позиција на власт.

-Очигледно Марин со стапнувањето на градоначалничката функција  заборавил на  граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ гласаше против овој детален урбанистички план од причина што не се согласува со начинот на носење на планот со криење од јавноста. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите правни механизми кои стојат на располагање за оспорување на овој ДУП и во иднина нема да дозволиме жителите на Аеродром да бидат заобиколувани кога се работи од суштински интерес за иднината на општината, изјави Митески.