сабота, 19. октомври 2019. Вести денес: 0
home Вести

Мисајловски: Ние имаме една тендер влада, кај која најважно е како да се украдат парите, тоа што го прави СДСМ е штетно за Македонија

Мисајловски: Ние имаме една тендер влада, кај која најважно е како да се украдат парите, тоа што го прави СДСМ е штетно за Македонија

Денеска во вестите на Канал 5 телевизија гостин беше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, тој кажа дека ставот на партијата околу референдумот ќе го кажат граѓаните, со кои во овие моменти се во константна комуникација.

-ВМРО-ДПМНЕ е партија која произлегува од народот, тие како ќе ни кажат така ние во иднина ќе работиме, секако и сега во моментов така работиме. Денеска слушнавме многу пораки, претседателот Христијан Мицкоски кажа пораки кои треба да допрат до сите граѓани. Треба да си зачуваме државата, треба да направиме преосврт на овие штетни политики што ги има моментално во Република Македонија, изјави Мисајловски.

Мисајловски кажа дека станувало за една тендер влада, кај која најважно е како да се украдат парите, односно кој како ќе ги фати тендерите и како ќе си ги поделат меѓу себе.

-Додека некој се залага за европски вредности и постојано тоа го кажува на граѓаните, гледаме дека навистина тоа не е така, гледаме дека министрите и сите оние директори или службеници, се поттикнуваат да прават некои работи што не се дозволени. Зошто? Бидејќи го гледаат врвот и елитата на СДСМ дека тоа го прави. Тоа е штетно за Република Македонија, изјави Мисајловски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека освен за националните интереси, на овие протестни маршови мора да укажат и за другите проблеми на граѓаните, како што економијата, што нема доволно капитални инвестиции, што нема странски инвестиции, што е катастрофална состојбата во здравството и уште многу работи.

-Мора граѓаните тоа го слушнат, ако го нема тоа и ако владата само глуми популизам, ние сме тие што треба да излеземе и на народот да му го објасниме тоа, а народот знае најдобро дали ќе излезе, дали ќе бојкотира, дали ќе биде против. Не треба елитите да одлучуваат, треба народот, порача Мисајловски.

Мисајловски напомена дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема запрено со работа, дека иако се во опозиција постојано се со граѓаните и така ќе продолжат.

-Наместо да трошиме државни пари за некои кампањи и тоа пред да почне било каков референдум или било каква кампања, ние се обидуваме да допреме до народот, изјави Мисајловски.

Тој кажа дека мора на граѓаните да им ги објаснат штетните последици од овој договор со Грција, штетните политики на оваа власт.

-Ние како партија мора да го зачуваме она што е македонското, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не е партија само на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ го има секој Македонец тоа е ген и код, затоа секој кој ја сака Македонија, ние мора да допреме до него, да се обидеме да му објасниме. Сепак, народот е тој кој си знае најдобро, а демократско право е тој да си одлучи како мисли, изјави Мисајловски.