четврток, 27. февруари 2020. Вести денес: 34
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Министерство за култура се правда дека навивачите не биле најавени, „Шверцерите“ информирале за настанот (ФОТО)

Министерство за култура се правда дека навивачите не биле најавени, „Шверцерите“ информирале за настанот (ФОТО)

Најголем дел од јавноста го осуди однесувањето на навивачката група во Македонскиот народен театар откако се појави видео на кое, како што многумина оценија, навивачите дивеат во институцијата од областа на културата.

Непочитување, некултура, дивјаштво и низа други осуди за ваквото однесување ги преправија и социјалните мрежи. Се бараат оставки од директорот на МНТ за издавање на просторот, од премиерот Зоран Заев и од министерот за култура.

По низата прозивки денес се огласија од Министерството за култура од каде се обидоа да се оправдаат за оваа скандалозна ситуација. Во соопштението од Министерството однесувањето на навичката група која одбележуваше во петокот 30 години од формирањето, не беше осудено.

-Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување на два настани, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до Дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група, се наведува во соопштението од Министерството за култура.

За волја на вистината, навивачката група „Шверцери“ уште во текот на минатата недела преку социјалните медиуми најавуваше дека ќе организира и одржи настан по повод 30 години од нивното формирање во 21:30 часот во МНТ.

Како дел од прославата, наведена е токму и проекцијата на документарниот филм, за која информираат од Култура. Проекција на документарец кој говори за 30 години од формирањето на навивачката група „Шверцери“.

Дополнително и фудбалскиот клуб Шкупи преку соопштение објавено на нивната интернет страна во петокот, меѓу другото наведуваат дека нивната навивачката група ќе промовира документарен филм во МНТ, а ќе присуствуваат фудбалери и членови на клубот.

Дали навистина од Министерството за култура не знаеле и не биле информирани дека на проекција на документарен филм посветен на навивачи, нема да има присутни навивачи?