четврток, 20. септември 2018. Вести денес: 5
home Вести

Мицкоски: Заев и власта сакаат додека ве крадат и пеплосуваат, вие да ја проголтате нивната евтина пропаганда

Мицкоски: Заев и власта сакаат додека ве крадат и пеплосуваат, вие да ја проголтате нивната евтина пропаганда

ВМРО-ДПМНЕ денеска организира марш поради незадоволстовото од работата на оваа власт. Пред граѓаните во Кичево се обрати лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, тој кажа дека пред граѓаните зборува отворено, затоа што ги смета за пријатели, а пријателите немаат тајни меѓу себе.

-Долго време ме мачи едно суштествено прашање. Сите знаеме што се случува во нашата татковина, ги гледаме последиците, ги чувствуваме емотивно, се обединуваме околу емоцијата, зборуваме за нив, пробуваме да си ги објасниме на себе и на другите. Но, основното прашање е како се доведовме во ваква ситуација? Која е причината? Последиците ги знаеме и гледаме, но ако не ја откриеме причината, тогаш ќе продолжиме да губиме време во ублажување на симптомите, наместо да ја отстраниме причината. Нашето општество боледува од непринципиелност, лаги и неостварени очекувања, пред се од девастирање на вредносниот систем. Не е пријатно да се признае, не е убаво да се соочи човек со таква тешка и страшна констататација, но тоа е вистината. Имаме две можности: да продолжиме да го игнорираме фактот дека Македонија е тешко ранета или да се фатиме храбро и бескомпромисно во костец со причините за таквата состојба и еднаш за секогаш да ги поразиме, и да тргнеме силно напред, бидејќи ние го бараме под чадорот на обединета Европа, над обединети европски нации и држава, тоа го заслужува овој народ и ова парче под сонцето, изјави Мицкоски.

Тој кажа дека нема друга опција и праша какви можности стојат на располагање.

-Да седиме и слушаме како оваа клептоманска власт со сесрдна помош на премиерот Зоран Заев и неговата дворска свита криминогени пробисвети мисли дека не лаже со празни фрази со празни бирократски фрази за наводно поголеми плати и не знам какви успеси, кога со свои очи гледаме и на своја кожа чувствуваме дека најбезобразно уништуваат се што ни е нам драго и комплетно ги здробија сите демократски институции, макотрпно со години создавани. Зоран Заев и неговата катастрофална влада не сакаат никој да зборува за нивниот катастрофален учинок и нивните уништувачки политики. Треба да се правиме наивни и да зборуваме за кампањата  која ја водат, која според нивните медиумски перјаници не донела до пред портите на рајот. Tие не сакаат да пружите отпор на сопственото уништување, туку сакаат додека ве крадат и пеплосуваат се околу вас, да гледате некаде во некоја неодредена иднина, која можеби никогаш нема да се случи, да бидете слепи, и да им ја проголтате евтината пропаганда, која ни ја испорачуваат од своите глисери, онака, облечени во костими за капење, со темни наочари, со вештачки насмевки одлепени од реалноста, изјави Мицкоски.

-Тие живеат во свет во кој нема човечки вредности и сакаат нас да не гушнат, да станеме дел од нивниот пекол. Ние треба да одлучиме дали сакаме да бидеме вовлечени во ова сценарио, дали сакаме да им дозволиме да газат преку нас, нашите предци и нашите деца и внуци, дали ќе им дозволиме да не убедат дека политиката не е ништо друго освен суров пазар, дека само парите се важни, дека договорот всушност нема значење, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој праша дали зарем ќе се дозволи на грб на народот и во негово присуство да ги спроведат своите погрешни идеи?

-Не! Потребен е отпор. Ќе бидеме мудри, ќе бидеме тактични кога ќе биде потребно да се тактизира, ќе бидеме гласни кога ќе оцениме дека така треба, ќе бидеме неуморни, вредни и полни со љубов за Македонија, и кога ќе дојде моментот ќе бидеме  незапирлив оган кој се бори за иднината на нашата земја. Јас мојата сила и трпение го црпам од вистинските, нашите вредности, пренесувани од колено на колено, од љубовта кон моето семејство, нација и држава. Се борам за вистината и правдата зашто мирот и спокојството на мојата душа немаат цена. Стојам овде и ве повикувам, следете ме во борбата во која веќе длабоко сме загазени, не затоа што сакаме, не затоа што ние одбравме така – туку затоа што едноставно не ни оставаат друга можност. Таа борба нема да е лесна, ниту ќе биде лесна, ниту некогаш била лесна. Но, ви ветувам дека кога се ќе заврши, не толку далеку од сега, нашето знаме највисоко ќе се вее, иако малку поткинато, малку извалкано од војната, но гордо и победнички! Тоа ќе биде знамето на народот и новата надеж за подобра иднина, изјави Мицкоски.