среда, 21. октомври 2020. Вести денес: 112
home Вести

Мицкоски: Заев е директна закана за правдата, ги разводенуваат аферите за да нема одговорност во врвот на власта

Мицкоски: Заев е директна закана за правдата, ги разводенуваат аферите за да нема одговорност во врвот на власта

Кога по три години власт и криминализирање на целокупното општествено ткиво, премиерот ќе ви рече “мора да има правна држава”, тогаш секој еден човек знае дека се работи за обично лицемерие, оценува Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Уште  поголемо лицемерие е кога тој човек ќе каже по цели три години власт дека мора да се испита имотот на судиите и обвинителите, и нема да помине ден потоа ќе го смени истиот тој ставот, и ќе каже требало да се прочистат само неколку обвинители и судии. И тука има два логични заклучоци. Првиот е прашањето, кој го спречуваше тоа да го направи до сега, имајќи во предвид дека апсолутната власт е токму во рацете на Заев? Значи одговорот е јасен и се работи за несакање,  и вториот  заклучок, зошто само да има проверка на имот на судиите и обвинителите, а не на изворот на корупција во оваа држава, политичарите и носителите на јавни и државни функции заедно со нивните семејства. Впрочем сеопфатна проверка и испитување на потеклото на имот беше моја иницијатива и предлог, каде политичарите и нивните семејства нема да бидат иземени како и останатите функционери од таквата проверка. Но целта на оваа прес конференција не ми е да го коментирам Заев, впрочем секој ден има демант на неговите ставови и политики: било да е тоа Извештајот на UNDP за нерамномерен развој или она на „Економист“ дека сме меѓу десетте земји со најголема невработеност кај младите. Денес целта ми е да обрнам внимание на дефокусирањето од страна на власта на реалните криминални афери кои го разјадуваат нашето општество и не прават земја во врвот по корупција во Европа, рече тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција говореше за неколку афери и скандали за кои власта, а пред се, како што рече, инструираното обвинителство молчат.

-Сеењето на магла и фрлањето на пердуви кои треба да задоволат ниски страсти во политиката со цел да се разводени и заборави вистинската улога на главните во криминалниот октопод, и да се оправда Заев кој е дел од таа стратегија.  Впрочем тие одат по принципот сите се виновни, само Зоран Заев е чесниот, па колку и тоа да звучи парадоксално сакаат преку скапите кампањи да не убедуваат дека тоа е таа вистинска вистина. И токму затоа еве после 5 месеци е совршено јасно зошто Власта на Зоран Заев го загуби интересот за носење на закон за независно обвинителство и кому му беше интерес обвинителството да остане под политичката капа на Зоран Заев. Практично им требаше ова обвинителство и не сакаа закон за тоа обвинителство да се смени, за да имаме неказнет криминал, а јас го говорев ова тогаш и го повторувам сега-власта нема интерес за закон за обвинителство, затоа што сите овие афери кои се случуваат во низа сакаат да останат несанкционирани. Ќе наведам неколку примери на афери каде се запоставуваат главните прашања, а од обвинителството нема никаква реакција. Започнувам од првата афера, а тоа е аферата Рекет 1. Никој во оваа држава не смета дека криминалот и рекет од 8 милиони евра е можен од само двајца, до тројца луѓе особено ако се знае дека цел државен врв беше во организацијата на Бојан Јовановски. Но нив ги нема на обвинителната клупа. Воедно, нема никаква постапка и не се испитува улогата на поранешниот генерален секретар Кирацовски кој беше споменуван во овој случај, а постојано се плетка истрага против Ременски, која за разлика од сите останатите има вип влез и излез од обвинителството. Освен ова, како што пренесоа дел од медиумите, во исказите на сега веќе осудениот за Рекет, наводно се говори дека прецизно е посочено дека Бојан Јовановски станал посебно нервозен откако добил информација од владата дека е пријавен од страна на бизнисменот, од страна на лицето кое што е веќе осудено за случајот Рекет. Тоа потврдува дека владата, и тоа од највисокиот врв биле во тесна комуникација со првообвинетиот Јовановски. Кој е тој кој може да даде таква информација? Би сакал исто така да го повторам сведочењето на Бојан Јовановски којшто велеше дека доколку се прегледаат камерите од видео надзорот од неговата куќа јасно ќе се види кое е лицето кое ја изнесува торбата од неговиот семеен дом. Понатаму, медиумите пренесоа дека во истрагата се споменува и дејствие со кое првоосомничениот сакал да издејствува од одредени кругови финансиски средства со цел да биде ставено одредено лице за прв човек на голема компанија каде државата има удел. Таква постапка е само возможна доколку некој од Владата вети дека ќе помогне за такво именување. Ова само отвора сомнеж дека грбот на Бојан Јовановски се наоѓа во зградата на Илинденска. Каде е Зоран Заев во овој случај  да даде исказ и дали воошто се зборува за овој случај, прашува Мицкоски.

Тој посочи уште едно неодговорено прашање, за поврзаноста на владин министер со Боки 13.

-Уште едно неодговорено прашање е зашто првиот човек на македонското здравство Венко Филипче договарал партнерство за болници со шоумен како Бојан Јовановски во неговиот дом, и што барала и што договарала министерка од владата во домот на Бојан Јовановски по покренување на официјалната истрага. Обвинителството молчи за рекетиран угостител од Охрид, за луѓе од Битолско на кое им биле нудени бизнис понуди, меѓу другото од посредници од власта. Освен аферата Рекет 1,  тука е и аферата Рекет 2, за која сеуште нема обвинение. Бизнисмен со име и презиме посведочи дека му бил баран поткуп од власта, од Фондот за здравство, а осудено лице од Рекет 1 еден е омилениот лик за матни трансфери и во Рекет 2. Воедно пипците на оваа афера одат и до Струмица, а таа улога треба допрва треба да биде расветлена. Да не се заборави и аферата Вирус, каде Владата исто како и обвинителството е без одговор. Бизнисмен вели дека посредник пратен од поранешниот директор на Агенцијата за лекови  барал мито за да тргува со одреден лек. Нема никаква истрага, а уште помалку обвинение за овој случај. Аферата Инсулин открива дека е уништен инсулин вреден илјадници евра чиј рок на траење не е истечен. Министерството и Филипче тврдат дека бил со сомнително потеклото, но тогаш ако е тоа така каде е постапката за одговорност кон тие кои го набавиле, и нели тоа е прикривање и противправно дејство ако сето тоа е вистина. Или пак не ја говорат вистината како и за се друго. Потоа нема одговор ниту која државна институција констатирала дека е сомнителен инсулинот, што укажува дека не е сомнителен инсулинот, туку сомнителен е министерот Филипче кој нема афера каде што е Заев, а да не е тој вториот партнер во нејзе. Инсулинот го нема, ама нема ниту истрага на обвинителството. Аферата со централата ТЕ-ТО, открива сомнеж дека преку бизнис-политичко-судска шема е направен обрт од црни 200 милиони евра, преку руски тајкун во кој оштетена е и државата и акционерите, а со тоа се разбира посредно и граѓаните. Фиктивен стечај преку кој се исмпумпувани милиони, а сомнежот оди до првите луѓе на владата, а за тоа нема никаква реакција ниту од владата, ниту пак од обвинителството. И нема да продолжам за илјадниците претходно отворени и дознаени афери за кој нема никаков епилог, за набавката на хеликоптерите, за Леонардо и за системот за навигација, за пратеникот со недозволена супстанца, за градоначалникот насилник, градоначалникот снимач, за градоначалникот трговец преку граничен со недозволени материјали, за случајот со прислушкуваното обвинителство кој се заборави. Реакција нема затоа што се работи за едно исто тело, за брак помеѓу мафијата, власта и дел од судско обвинителската фела. Оваа власт освен тоа што е извор на криминал, е главна пречка за правдата и затоа се блокираат истрагите за десетици афери, за да не се дознае улогата на првите луѓе на владата. Ваквото бегање од одговори е и аларм дека им се ближи крајот, и дека ова се очајни обиди да се одбегне одговорност. Ако Зоран Заев сака правна држава, тогаш правната држава налага одговорност за Рекет 1, Рекет 2, Инсулин, Вирус, 200 милиони евра криминал и сите останати афери. И затоа треба јавноста да се фокусира кон прашањата од кои бега власта, затоа што таму е вистината, а вистината иако е болна за власта убеден сум дека ќе се дознае, а по дознавањето мора да има одговорност, зашто што без одговорност нема правда. Обновата ќе дојде и тоа ќе значи надеж, и апсолутна, безусловна правда за секого, порача Мицкоски.

Коронавирус