вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски за МИА: Ние сме подготвени на избори сега и веднаш, тоа е императив за граѓаните затоа што Македонија се води во погрешна насока

Мицкоски за МИА: Ние сме подготвени на избори сега и веднаш, тоа е императив за граѓаните затоа што Македонија се води во погрешна насока

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто за МИА говори за повеќе теми, меѓу кои и предвремени избори.

Последниот ваш став во врска со предвремните избори господине Мицковски објавен неодамна е дека сакате да  има предвремени избори  на пролет. Зошто на пролет, а не наесен како што сака владејачката гарнитура? Мислите дека до пролет ВМРО-ДПМНЕ ќе биде комплетно подготвена за едни предвремени избори, ќе ги консолидирате вашите редови, имате подготвено или подготвувате програма?

Ќе ве потсетам ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминатиот  период побара одржување на предвремени парламентарни избори. За жал не наидовме на позитивен одѕив од страна на владејачкото мнозинство и секогаш тие наоѓаа помалку или повеќе причини коишто се надвор, отсутни од реалноста. Ние сме подготвени на избори сега и веднаш, час поскоро и тоа е императив за граѓаните во Македонија затоа што државата се води во погрешна насока, затоа што сите овие политики и отсуства на реформи, лоша економска состојба, катастрофата која што се случува по понижувањето, омаловажувањето и распродажбата на националните интереси, отселувањето на младите коишто сега веќе не се само млади и луѓето во средни години со семејствата ја напуштаат Република Македонија практично цунами економијата, никакви реформи во образованието, во здравството, земјоделието буквално е на колена. Сите овие причини и уште десетици, десетици, други криминалот, корупцијата итн. се само низа причини зошто ние во државата треба да организираме предвремени избори час поскоро, а од друга страна го гледаме Зоран Заев како вели дека блескаме, дека се било во ред, дека сме биле блескав пример и слично и единствен начин да провериме дали ние сме во  право кога велиме дека ништо од ова не е точно дека практично цути криминалот, дека е катастрофа на секој план или ова блескаме кое што станува заштитен знак на Зоран Заев да го провериме на едни такви избори па граѓаните нека дадат конечна оценка дали ние сме биле во право или тој е во право. Час поскоро треба да се одржат такви избори за да знаеме во која насока ќе се развива Република Македонија, дали Република Македонија ќе се развива во насока да стане оаза на психотропни супстанци или ќе биде технолошки лидер, дали РМ ќе се справува со рекет 1, 2 и 3 или каде што безусловно ќе се почитуваат законите, дали Република Македонија која што ќе нема ниту еден универзитет на Шангајската листа или која што ќе има најмалку еден универзитет во првите 500 на Шангајската листа, дали РМ со зголемени даноци и со рекетирање на бизнисмени или РМ со рамен данок којшто ќе биде прифатлив за бизнисмените со вакво понижено, ограбено здравство преку најголемиот грабеж во поновата историја или ќе биде Македонија со достоинствена и достапно здравство и квалитетно здравство за секој еден граѓанин.

Во изминатиот период се забележува многу поголема активност на вашата пратеничка група. Овие активности ги предводат веќе искусни политичари од ВМРО-ДПМНЕ кои се и членови на работните групи за преговори како на пример за јавното обвинителство, за попис. Тоа се пратеници кои во времето на вашиот избор имаа одредени несогласувања. Дали е консолидирана партијата, чуствувате ли поголема поддршка или станува збор за едно обединување со цел да победите на следните избори или да добиете повеќе пратеници?

Луѓето во ВМРО-ДПМНЕ кога се приклучуваат, се приклучуваат кон идеја, кон едно семејство кое е заедничко кон сите нас. Тука не треба никој да има каква било дилема. Ние се бориме за интересите на граѓаните и тука не постои никаков сомнеж за никаков клиентелизам или лукративни мотиви. ВМРО-ДПМНЕ е стабилно, исправено, реорганизирано, обединето и ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните предвремени парламентарни избори ако сега се одржат, најмалку со 100.000 разлика пред СДСМ, но доколку биде тоа понатаму јас сум убеден дека разликата ќе биде уште поголема.

Како ќе ги убедите граѓаните воопшто да излезат на гласање имајќи ја предвид нивната замореност од излегување на избори, на гласање…од друга страна, разочараноста од политичките елити, што финишираше со последниот случај со Катица Јанева? Немате ли страв дека на следните избори би можело да има помала излезност, не само за вас туку воопшто како гласачко тело?

Се согласувам потполно со вашата констатација дека можеби на граѓаните им е преку глава од избори и дека постои генерална разочараност од политичките елити кои во одредени моменти ги изневериле нивните очекувања. Тоа јас лично на терен го гледам, го слушам, бидејќи сум често на терен помеѓу граѓаните, помеѓу партиските истомисленици, но и помеѓу партиските неистомисленици, но и оние неопределените и за време на претседателската кампања имав можност со илјадници наши сограѓани имав можност да разговарам за она што ги тишти практично, за нивните есенцијални проблеми и слично. Дојдовме до еден заклучок што го разговаравме на последната седница на Извршниот комитет дека мора да иновираме и во пристапот, но и во понудата која што ќе ја дадеме на следните парламентарни избори. Донесовме еден заклучок за една иновативна изборна програма која ќе биде перцепирана во смисла на тоа да понуди решенија за реалните проблеми на граѓаните и тие решенија не секогаш чинат пари и еден дел што ќе биде стратешки, кој што практично ќе ги даде контурите на идниот развој на Република Македонија. И во име на тоа следната недела започнуваме со една акција која ние ја именувавме како „Разговараме со граѓаните за обнова на Македонија“, која што ќе понуди решенија и конечниот резултат ќе биде Програмата. Оваа акција ќе трае до средината на декември месец, ќе имаме најмалку пет настани неделно во поголемите, помалите градови, во населените места, рурални и урбани средини…Ја поставивте дилемата за излезноста, ќе биде пеколно тешко, да се врати довербата, но јас сум убеден дека уште за време на кампањата за предвремените избори голем дел од граѓаните ќе ја дадат поддршката за ВМРО-ДПМНЕ, а после првите неколку месеци, година дена од новата Влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе докажеме и ќе покажеме дека тоа што сме го кажале тоа и ќе го спроведеме, тоа што не можеме да го спорведеме, отворено ќе ги кажеме причините зошто тоа не можеме или со задоцнување ќе го спроведеме. Но врз основа на реалните проблеми кои што ги имаат граѓаните таков ќе биде и нашиот пристап, такви ќе бидат и нашите ветувања. Не би сакал да се доведат до ситуација тоа што ќе го кажам да не го реализирам. Сето ова не го поминувам за на крај да се избрукам и да се засрамам пред граѓаните. Напротив сакам и после крајот на мојата политичка кариера како претседател, или можеби утре како човек кој ќе ја предводи Владата, повторно да шетам со гордо крената глава и повторно да комуницирам со граѓаните исто како што тоа го правам сега, достоинствено без да се срамам и без да ги изневерам нивните очекувања. Тоа беше и останува единствен мој мотив, зошто практично се пријавив и овие нешто повеќе од 21 месец ја предводам најголемата политичка партија во Република Македонија. Ние мора да оставиме историска улога. Моментот за оставање на историска трага и играње на историска улога е токму сега.