недела, 19. јануари 2020. Вести денес: 8
home Вести

Мицкоски: ВМРО е разбудено, помеѓу народот, ја носиме искрата која ќе ја донесе зората и ќе ги победи црнилата 

Мицкоски: ВМРО е разбудено, помеѓу народот, ја носиме искрата која ќе ја донесе зората и ќе ги победи црнилата 

Живееме време кога секојдневието е црно. И затоа велиме дека ова се црнила, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски во својот говор одржан на 27 Годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата.

Тој истакна дека македонската историја учи дека оваа почва раѓала и луѓе од својот род кој тргнувале против својот народ.

-Македонија минувала низ тие историски катастрофи, и погроми. Сведок бил овој народ на многу измачувања, отуѓувања и делби. Денес како одново тоа време. Денес на Македонија и се случува Зоран Заев. И ова презиме станува персонификација на сите црнила кои и се случуваат на оваа татковина. Ова презиме станува синоним за целата сиромаштија, сите неправди, неуспеси, порази на оваа наша земја. Извор на сите проблеми, затоа што тој е човекот кој е судија, но и џелат на нашите македонски судбини. Но воедно ова е време кога овој народ излегува од бунило и кога мора самиот да им стави крај на сите злоупотреби кои буквално ја разнебитија нашата заедничка татковина, нашата заедничка чест. Македонија се движи по таа црвена линија, помеѓу пропаста и очајот, или ќе се обединиме за да ја спасиме, или ќе се разделиме и распрснеме, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека секој собир на партијата е се поголем, пожесток, со енергија.

-ВМРО е разбудено, на нозе, меѓу своите, во својата природна средина, помеѓу народот. ВМРО ја носи и запали искрата која ќе ја донесе зората која ќе ги победи црнилата кои надвиснале над нашата татковина. Кога ќе не видат собрани и обединети ја гледаат сопствената немоќ и пораз заедно со оние кои им седнале во скут. И стравот со кој тие сакаат да владеат почнува да биде нивен страв. Ако продолжиме така  ќе успееме, ќе ги победиме. Најпрво се смееа, не потценуваа, велеа Мицкоски не може, Мицкоски нема стратегија. Но еве не, одиме до крајот и до конечна победа. Победа најпрво на претседателските избори, за победа на предвремени парламентарни избори. За Македонија, за нашата Македонија, нагласи Мицкоски во својот говор.