понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски: Улогата на жената има длабоки корени низ растежот на оваа земја

Македонската жена е и бестрашна мајка, пожртвувана за своите чеда, вистински столб на семејството, страдалник за животот на своите најмили, точно онака како што Прличев ја опишува Неда во Сердарот низ која ги пренесува искрените чувства и вистинската слика која е синоним за македонската мајка. Сето ова кажува дека улогата на жената има длабоки корени низ растежот на оваа земја, порача Мицкоски
Мицкоски: Улогата на жената има длабоки корени низ растежот на оваа земја

“Жената со глас, по дефиниција е силна жена”. А јас овде гледам силни жени кои го креваат својот глас за работите кои се важни и за кои мора да се зборува во ова општество. Жените рушат стереотипи, и тие мора да се составен дел од процесите, од управувачките структури на компаниите, до високите структури во политиката, од културниот и општествениот живот, до тоа да се силна потпора на семејството.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот настан организиран од Унијата на жени на партијата.

-Нашата земја низ нејзината историја е изградена од силни жени кои активно учествувале во сите подеми и падови, и тие ќе продолжат да уриваат бариери и поразуваат предрасуди. Предизвикот е поголем, бидејќи ова е сложениот Балкан каде ѕидовите на поделби и препреки се преголеми, но сепак не и неуништливи. Затоа мотивот треба да биде и поголем, затоа што ние мора конечно да дебатираме за работите кои ќе не носат напред, да донесеме прогрес кој толку насушно и треба на нашата држава и да создадеме иднина. Нашите луѓе, нашиот народ осиромашува, станува гладен, понижен но во исто време премногу сит од политичари кои се занимаваат со демагогија, без притоа да донесат резултати, рече Мицкоски.

Порачува дека тој прогрес не е можен без жената која секогаш и секаде била носител на тој прогрес.

-Знам и убеден сум дека Вие, гордите Македонки ќе го мотивирате тој прогрес и стабилност во нашата татковина и ќе ја донесеме заедно новата надеж за Македонија. Затоа што тоа го можеле и многу други претходно низ историјата на нашата земја, која родила блескави мајки, блескави хероини, бестрашни борци и лидери во многу потешки услови и посилни предизвици. Дали знаеле и биле сигурни на пример Румена или Сирма војвода дека ќе успеат да победат и ја остварат својата цел за слобода? Сигурно дека не, но се бореле, и со својата борба и саможртва станаа дел од историјата на нашата татковина. Некои со пушка, но некои со силна верба и пркост како Лидија Македонката, СВ Злата Мегленска, како и најпозната скопјанка Мајка Тереза. Нема поголем настан низ нашата историја, а да не биле жените дел од тоа. Вклучително и во носењето на слободата на овие простори и остварување на илинденскиот идеал преку формирањето на АСНОМска Македонија. Тоа го потврдува директното учество на над 6000 жени во народно ослободителната војна, од кој околу 300 загинале, но останале да се паметат како на пример Вера Јоциќ, Магдалена Антова, Естреја Овадија, Елпида Караманди, Ибе Паликуќа и други. И не е само пркоста, македонската жена е и бестрашна мајка, пожртвувана за своите чеда, вистински столб на семејството, страдалник за животот на своите најмили, точно онака како што Прличев ја опишува Неда во Сердарот низ која ги пренесува искрените чувства и вистинската слика која е синоним за македонската мајка. Сето ова кажува дека улогата на жената има длабоки корени низ растежот на оваа земја, порача Мицкоски.

ФОТО-МИА

 

Коронавирус