сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 112
home Вести

Мицкоски: Родена е надежта, народот гледа шанса за промени и остварување на сонот каков што го имаме цели 30 години

Мицкоски: Родена е надежта, народот гледа шанса за промени и остварување на сонот каков што го имаме цели 30 години

Абрахам Линколн велеше „Најдобар начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш“. И тука сме не само да зборуваме за иднината, туку заеднички да ја создаваме, да ја градиме и заеднички да се бориме. Скопје е на нозе! Во Македонија повторно е родена надежта, таа искра во која народот гледа шанса за промени и остварување на сонот каков што го имаме цели 30 години. 30 години сонуваме за нешто што цели 30 години го немаме. Тие што пукаат во таквата надеж се истите оние кои поради ситни интереси нè влечат надолу. Но повторно, особено по првиот круг од изборите, со голема сигурност можам да кажам дека надежта е во очите на луѓето сè повеќе и е се поголема, и повторно се враќа она чувство на треперливост во срцата дека можеме, дека умееме да направиме големи работи и дека Македонија, ова наше парче земја на горди луѓе, има сила, истакна вечерва од централниот митинг во Скопје, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Што е поразлично од претходно? Ќе ви кажам, тоа е мирисот на слободата… затоа што Македонија е нашата емоција, нашата душа, нашиот сон. И нашиот дом. Поразлично е затоа што народот крева глава, се крева над прашината која ја создава власта и јасно ги гледа работите. И многумина ме прашуваат дали ме вознемируваат оние црни кампањи против мене и моето семејство, оние обвинувања, крици на лаги и страшни измами. Мојот одговор е до нив и до сите нивни привезоци, многу сум спокоен затоа што знам дека е ова последица на очај, последните чекори на апаратот којшто губи и сака да повлече сè со себе. Тие на тој начин го губат и своето достоинство. Си го покажувате вистинското лице поради што ќе доживеете пораз… и сега, кога измислувате и објавувате набрзина нашкрабани  фалсификувани документи, кои треба да ги обезвреднат моите соработници. И кога го разгорувате огнот на меѓуетнички тензии, и кога ја делите Македонија само за да си ги спасите кариерите. И кога го делите Скопје, и кога на скопјани им велите дека згрешиле, дека не знаеле правилно да заокружат. И кога го плашите народот дека доаѓа крајот на светот, само затоа што се ближи вашиот политички крај. Дури и тогаш кога не излегувате од минатото уште посилно закопувајќи се во сопствената кал, истакна тој.

Мицкоски посочи дека е подготвен да ја плати цената.

-ОВА ЛИ Е ЦЕНАТА ШТО ТРЕБА ДА ЈА ПЛАТИМЕ ЗА ДА ВЕ ПОРАЗИМЕ?!!! Е ПА ДА ВИ ОДГОВОРАМ, СТОЈАМ ТУКА ИСПРАВЕНО И СПОКОЈНО И ЈАС, ЗАЕДНО  СО ОВИЕ ЛУЃЕ ОВДЕ И СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ШИРУМ МАКЕДОНИЈА, СМЕ ПОДГОТВЕНИ ДА ЈА ПЛАТИМЕ СЕКОЈА ЦЕНА ЗА СЛОБОДАТА И ЗА НОВАТА ЗАЕДНИЧКА ИДНИНА! Подготвен сум да ја платам секоја цена, затоа што народот е нашата сила, А НИЕ НЕГОВАТА, и затоа што новата иднина е нашиот сон од кој нема да се откажеме. Еве ви кажувам, ќе ја платам секоја цена доколку таа значи остварување на сонот кој го сонуваме 30 години и новата иднина за која се бориме. Нема никогаш да го разочарам овој народ кој во срцата носи јад, болка, разочараност, но и повторно раѓа надеж за промени. Ова е наша битка, секој ден, секој час. Да ги менуваме работите. Затоа што секој ден од оваа кампања сум по градовите и селата. Поминав илјадници километри, и овде пред вас го носам гласот на секој еден човек од нашата заедничка Македонија. Го носам и гласот на работниците, на невработените. Го носам и гласот на докторите, пензионерите, професорите. Го носам и гласот на младите кои си заминуваат. Го носам како во едно гласот на левата и десната страна на градот, и на обесправените, на оние што се борат за преживување со голиот живот, секој еден ден и секој час. На разочараните, гласот на левите и десните, на оние што се борат за достоинство, за честа и за македонските градови и села, гласот на луѓето од Тетово до Битола и Ресен, од Куманово до Струмица и Гевгелија. Овој глас е силен, затоа што тоа е гласот на Македонија кој бара промени. Промени и ќе се случат. Доаѓаат нови подобри времиња, рече Мицкоски.

Тој истакна дека е среќен што имал од кого да учи и дека затоа ги почитува сите луѓе.

-Вечерва е посебна чест за мене затоа што моето присуство овде до оваа точка на развој на настаните по сите перипетии што се случија во државава, можеби малкумина го очекуваа. Од кога знам за себе и како ме учеле моите родители, ние како семејство сме споделувале искрена љубов кон нашата татковина, и секогаш, ама секогаш, сме биле одлучни да работиме и да создаваме за доброто на другите луѓе, да помагаме, да придонесуваме за Македонија и за општеството. Мојата мајка беше лекар, илјадници пациенти поминале кај неа и таа секогаш со љубов, посветеност и грижа им помагаше. Мојот татко – конструктор во Металскиот Завод Тито, а потоа факултетски професор, беше строг и праведен, секогаш ме учеше да се соочувам со предизвиците стоечки и мудро, и да гледам напред, да мислам на повисоки цели, како можам да подобрам нешто од моето опкружување, како да придонесам да биде подобро за сите. Јас сум човек кој многу учел, дури некогаш и кога другарите го користеа своето слободно време, бев затрупан со книги. Нормално, имало и излегувања и шетања и забави, но јас секогаш сум гледал чекор подалеку. Таков сум по природа. Моите дедо и баба беа пак сосема посебно во мојот живот. Нивниот однос беше пример и гордост за мене. Среќен сум што имав од кого да учам. Стојам овде знаејќи дека мојата животна приказна во својата суштина е дел од животните приказни на многумина, кои сме растеле во нашето време, приказна за воспитување, макотрпна работа, жртвување за други, некогаш и некои што не ги познаваш, борба за повисока цел, желба да биде добро, да живееме во нормална држава каде ќе има правила и ред, каде ќе се почитуваме дури и ако различно размислуваме, каде ќе знаеме дека сме свои на своето, дека нашите деца имаат иднина тука, тоа се вредностите во кои верувам. Нема да кажам дека се зло луѓето што не се согласуваат со моите ставови, како што тоа го кажува премиерот Заев. Јас ги почитувам тие луѓе и гледам во нивните забелешки ако грешам и верувам во тоа дека е така, да се исправам. Но јас ги почитувам. Од мене нема да видите реваншизам да губите работно место зашто мислите различно. Не. Тоа нема нити да го видите нити да го доживеете. Од мене ќе видите подадена рака за соработка, затоа што ние сме многу малку во оваа земја. И не само што е жалосно да сме поделени и раскарани по разни основи, туку е и катастрофално штетно за иднината на Македонија. Иднина која мора заедно да ја создадеме. Ви должам вам, на народот на Македонија, и јас таа ваша доверба никогаш нема да ја изневерам, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Истакна дека покрај таа борба на индивидуализмот, постои едно нешто кое е многу важно за нас како држава.

-Ние сме меѓу себе сите поврзани, затоа што вашата судбина е и моја судбина. Судбината на мојот сосед чие дете има проблеми и не може да се лечи заради проблеми во системот, е и моја судбина. Судбината на учителот во Битола кој има ниски примања и не може да си го издржува семејството, и тоа е моја судбина иако јас не го познавам него. Нашите судбини се испреплетени. Тоа мора да го разбереме сите. Болката на другите е и моја болка. Болката на луѓето кои загубија блиски во тетовската болница е и моја болка. Болката на земјоделците кои со насолзени очи и бес во себе велат дека не можат да си го продадат родот е и моја болка. Болката за ниските плати и разочарувањата кај луѓето кои ќе отидат во продавница со празен паричник е и мое разочарување. Ако има пензионер кој не може да си ги плати лековите заради малата пензија и треба да одбере дали да купи подарок на внучето или лекови за себе, тоа е моја болка и мој проблем, без разлика што тоа не се мои дедо и баба. Вашата битка е и моја битка. Тоа е она фундаментално значење на фразата јас сум чуварот на мојот брат и мојата сестра, тоа е тоа фундаментално значење и вредност дека сите сме ние поврзани меѓусебно и нашите посебни судбини се дел од една наша заедничка судбина. Затоа јас на моменти кога ги најавувам и нашите кандидати, дел од нив веќе градоначалници велам мојот брат, мојата сестра, затоа што верувам, дури и сосема религиозно дека сите ние сме едно и треба да функционираме како едно за оваа земја да има успех. Со грижа еден за друг, со поддршка еден за друг. Американците го имаат Е плурибус унум (E pluribus unum), од многу, едно. Тоа е филозофијата во која треба да веруваме, а се однесува и на нас како држава, како индивидуи, со проблемите и поделбите што ни се случуваат. И додека го зборувам ова, некаде длабоко скриени во кујните на пропагандата на противникот се готват планови како да најдат маана на ова и како да го извртат и да го спречат да се случи, посочи Мицкоски.

Тој испрати порака:

„Сакам да им порачам.

Нема тоа да се случи. Не можете да го спречите ова! Колку и да се трудите овој народ, оваа енергија ќе ве поразат во недела.

Народот е свесен за реалноста и знае дека е тоа единствениот пат напред. Да се почитуваме меѓу себе, да се грижиме едни за други, да бидеме чувари на нашиот ближен затоа што нивната судбина е и наша судбина.

Тоа е мојата политичка филозофија со која планирам да одиме напред!

Инаку тоа се луѓето кои мислат дека сè може да им пројде, секој нивни спин, секое нивно подметнување, дека сè проаѓа кај овој народ.

Не е така!

И сега, од овде сакам да им порачам и ним и на сите други што се сомневаат.

Нема лева Македонија, нема десна Македонија, има една заедничка Македонија!

Нема сдсмовска, вмровска Македонија, има само една заедничка  Македонија!

Нема Македонија поделена по етничка или верска основа, не, туку таа е заедничка, една Македонија!

Нема наша и нивна Македонија! Има една заедничка Македонија!

Нема либерална, и конзервативна, прогресивна и назадна Македонија!

Има една заедничка Македонија!

Уплашените сакаат да ја делат Македонија, сакаат да предизвикуваат нови теми на поделба сакајќи да си го заштитат криминалот кој со години, а некои и со децении го прават на грбот на нашиот напатен народ, сакаат да има проблеми, да креираат страв, да кажуваат како ние ако дојдеме ќе има етнички проблеми, ќе има барок, не ни знаат веќе што зборуваат, нема ни логика сето тоа…јас на нив им кажувам – не нè поделија посилни од вас, нема ни вие, има само, само ЕДНА заедничка МАКЕДОНИЈА!

Нема црвени општини и сини општини, има општини на луѓето на Македонија!

И сите ние, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати, христијани, муслимани, Евреи, атеисти, сите ние веруваме во својот живот и во својата судбина и во правото да го живееме тој живот достоинствено, во ред и прогрес, а не врзани за измислени поделби на наши и ваши.

Кажувам:

Има една Македонија!

Како што има само едно Скопје!!

Нема Скопје лево или десно од Вардар, зарем луѓето кои живеат десно од Вардар не одат лево од Вардар? Зарем не делиме сите исти судбини, исти проблеми со инфраструктурата, со градоначалници кои досега изневерија и не го додржаа зборот, исти проблеми со болници, училишта, градинки… зарем нашите деца не одат во исти училишта?

Тоа е таа заедничка судбина и тоа е идејата за која се борам. Сите мора да сфатиме дека сме исти и дека делиме иста судбина! И да се бориме заедно да создаваме подобро, подобро денес, но и една нова подобра иднина, подобро утре!

Ние сме еден народ, сите ние треба да веруваме во себе и да бидеме лојални кон сопствената иднина, сите ние под ова небо, да ја браниме таа една Македонија! Затоа што немаме друга. Зарем мислите е лесно надвор? Зарем мислите дека таму сите ве чекаат со раширени раце и ви врнат пари. Не! Сум бил, знам како макотрпно се заработуваат пари надвор. И таму секогаш ќе си туѓ. А овде си свој меѓу своите.

Само мора да веруваш во тоа.

Јас верувам во тоа.

Ве молам приклучете ми се во таа моја верба и во тој мој сон“.

-Знаете ли зошто се толку силни и подли нападите кон Данела Арсовска? Затоа што таа е сè што Шилегов и Заев не се во политиката. И тие пробуваат да ја убијат секоја различност и свежина во политиката со море од лаги, измами и манипулации, за да секој нормален човек се откаже од политичката битка и се обесхрабри. И токму затоа многумина се повлекуваат и се потргнуваат на страна, и им се гади од политика. И таквите хајки и брутални црни кампањи доаѓаат од луѓето кои на питачки стап дојдоа во политиката, а сега се вистински олигарси тешки по неколку милиони евра, куќи, станови, злато, хациенди…што уште не. Тоа е нечесна заработка на грбот на народот. И затоа тие ја напаѓаат секоја здрава клетка која ќе им се спротивстави. Но да ви кажам нешто, силата на Данела и нашата сила извира од мотивот да ги менуваме неморалот и работите што Шилегов и Заев ги претставуваат во политиката. И затоа кога удираат тие ниско, ние ќе одиме многу високо. Данела Арсовска не е политичар како Шилегов, и му благодарам на Бога за тоа. Таа е човек менаџер која ќе работи за градот. И не ја разбираат тие таа филозофија на жената, тој силен мајчински инстинкт за спротивставување и борба за вистинска слобода и напредок. Данела Арсовска е тоа што му е потребно на Скопје, мајка на градот, посветеност, за промени кои ќе го направат градот модерна метропола. Излезете и заокружете го бројот 82. И заедно со Советот на Градот Скопје каде имаме мнозинство ќе работиме за модерно Скопје, заедно со градоначалниците кои повеќето се од ВМРО-ДПМНЕ, но и со останатите. Опозицијата создава блок кој ќе го порази Заев. Тоа е блокот и гласот на сите против Заев и таквите како Шилегов. Велеа дека е невозможно да се обединиме, еве нè, обединети и силни, рака за рака против политичарите кои го крадат народот. И затоа ќе победиме силно, посочи Мицкоски.

-Имам волја силна, имам план, во ова што го говорам верувам со цело мое срце, сите вие, и тие што се дома и се мислат и оние што не гласаат за нас, ве молам верувајте нема друго место како дома и ние сме единствените што можат и знаат како да го направат ова место, оваа една Македонија, место за гордост и убав  живот за сите. Една Македонија на сите луѓе што живеат во неа! И сакам малку да посветам внимание на луѓето кои сè уште се двоумат дали да излезат на гласање. Сигурно си го поставувате прашањето: А зошто би излегол на гласање? Но одговорете си што е она што нам ни фали во морето недостатоци како држава. Економијата е лоша 30 години, и работите стануваат полоши. Корупцијата е уште сè поприсутна. Мафијата е само поорганизирана. Но што е она што нам навистина ни фали… НИ ФАЛИ ИДЕЈА И СОН ЗА КОИ ЌЕ СЕ БОРИМЕ. ОВОЈ ПАТ ТОА НИ Е НА ДОФАТ, СОНОТ ВО КОЈ МОРА ДА ВЕРУВАМЕ, ПРЕТОЧЕН ВО НОВАТА ИДНИНА, КОЈА МОРА ДА БИДЕ И ЌЕ БИДЕ САМО ЗАЕДНИЧКА. Тој сон го носи новиот заеднички патриотизам, новата иднина за која вреди да излезете и да гласате. На крај, овие избори се за тоа, дали ќе партиципираме во политики на цинизам, потценување и статус кво кои нè носат во апатија, или ќе партиципираме во политиките на надеж! Политиките и филозофијата на надеж и верба во себе се оние што ги натерале Питу Гули и Никола Карев да се борат и да се обратат до сите да им се приклучат. Таквите Илинденци ја кревале нашата земја од пепелта. А што друго е ова освен надеж. Филозофијата на надеж е онаа што ги натерала партизаните да веруваат и да се борат за тоа во што веруваат и да ја создадат оваа наша Македонија исто како што ние денес говориме да создадеме нова иднина, истакна Мицкоски.

Порача дека силата на надежта е нескршлива.

-Надежта на лекарите кои се борат храбро против пандемијата, на учителите кои го предаваат своето знаење на идните генерации, на земјоделците кои со труд го посеваат родот и чекаат принос за да нè прехранат. Надежта на чесните полицајци кои очајно сакаат да видат ред во Македонија и работат макотрпно. Надежта на сите кога Македонија победуваше во кошарка, ракомет, на Олимпијадата неодамна. Надежта која се бори и не можат да ја уништат! Надежта на референдумот за независност и искрата во очите на секој наш граѓанин при прославата на самостојноста. И конечно, надежта на еден млад студент на Машински факултет со име Христијан, слаб, височок и со наочари, кој уште тогаш верувал и сега сè уште верува дека Македонија може и има сила да биде тоа што сите ние го сонуваме! И еве сум тука. Пред вас стојам полн со надеж! Надеж во лицето на тешкото! Надеж во лицето на проблемите! Надеж во лицето на неизвесноста! Ова е наша заедничка битка! Затоа што силата на надежта е нескршлива! Силата на надежта носи промени! Таа сила и таа надеж сте вие! Сме сите ние! Заедно кои сакаме да го живееме сонот на една подобра Македонија, во иднина која заедно ќе ја создаваме! Тоа е мојот сон. И јас верувам во него. Верувам дека ќе излеземе од овој вртлог на апатија и разочараност. Ќе дојде светол ден! Ви ветувам! Бог со вас и со сите нас! Ви благодарам од срце, за модерно Скопје и за бројот 82 и за нашата преубава татковина Македонија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Коронавирус