петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 133
home Вести

Мицкоски: Промените значат дека на сцена доаѓа нова генерација луѓе, нова надеж во политиката, решенија за проблемите на луѓето

Мицкоски: Промените значат дека на сцена доаѓа нова генерација луѓе, нова надеж во политиката, решенија за проблемите на луѓето

Новата иднина се промените, проектите и победите. Промените што ќе значат дека на сцена доаѓа нова генерација луѓе, нова надеж во политиката. Проектите кои ќе значат решенија за проблемите на луѓето, и победите. Победите кои му требаат на народот и успесите кои мора да бидат заеднички, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќањето на вечерашниот митинг во Скопје.

Според него „Скопје мора да го ослободиме од тесната клика и олигархијата која го гуши градот“.

„Градот му припаѓа на народот. Скопје што побрзо мора да го преобразиме во метропола каква сите ние ја заслужуваме. Модерен град, град на случувања, град што се движи. Да ги вратиме насмевките на луѓето, да градиме дом за сите. За жал, реалноста говори дека и Скопје е зафатено од она што го гледаме во целата наша татковина. Разочарувања, неисполнети ветувања, крпен живот, неодговорни институции, локални шерифи, луѓе кои делат правда со боксови и пиштоли по улици, несигурност, пропаѓања и огромна, огромна сиромаштија“, кажа Мицкоски.

И додека сево ова се случува, укажа Мицкоски, имаме неподнослива ароганција на власта и запрепастувачка отсутност од реалноста.

„И на овие избори имаме реприза на истите ветувања, истите стравови со кои го плашат народот, истите сеништа од минатото, истите фрази, говори, потези, лактови, гестикулации. Дури и истите ветувања за иднината која ни ја ветуваа, а не ја испорачуваат. Лажните ветувања што ни ги даваат за ЕУ, за речениците со кои ни велат –  еве само што не ни тргнало, дека сè сме исполниле, сè испотпишале и кај и да е, некој ќе нè забележи. И откако ќе нè забележат, резултатите сами ќе дојдат. Не оди тоа така затоа што генерации доаѓаат, генерации поминуваат. Но, ние не мрдаме од истиот затворен круг. Соништата се исти, ама годините се менуваат и изминуваат. А, ние немаме повеќе години за губење“, порача Мицкоски.

Коронавирус