понеделник, 17. мај 2021. Вести денес: 154
home Вести

Мицкоски: Политичарите треба да се слуги на граѓаните, а театарот во Собрание е фрустрација која се крши на грбот на граѓаните

Мицкоски: Политичарите треба да се слуги на граѓаните, а театарот во Собрание е фрустрација која се крши на грбот на граѓаните

Во вечерашното издание на дебатната емисија на ТВ Клан гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој зборуваше за политичката ситуација во државата, нестабилното парламентарно мнозинство, криминалните афери на власта, како и за ненабавката на вакцини против Ковид-19 вирусот.

Мицкоски потенцираше дека народните избраници во парламентот, односно пратениците, треба да бидат условно кажано слуги на граѓаните, бидејќи граѓаните од нив очекуваат решенија за нивните проблеми. Она што изминатите денови се случуваше во Собранието на Република Македонија, вклучувајќи го и вчерашниот ден кога беа донесени во Собранието пратеници заболени со коронавирус, претставуваше кршење на законите и прикажување една елементарна негрижа кон здравјето и животите на сите присутни во пратеничките клупи, вели Мицкоски.

Пратениците од владеачкото мнозинство наместо да работат за она што се изгласани и за она за што од народот добиле доверба, тие неколку дена приредуваат драмолетки кои најпрво не доликуваат на сериозни и возрасни луѓе, а потоа и на политичари од кои се очекуваат решенија на проблемите на граѓаните. Најмал проблем е тоа што пратениците и спикерот си ги лечат фрустрациите на таков начин, реален проблем е што поради нивниот несериозен пристап, најголема штета трпат граѓаните кои со месеци очекуваат помош од државата, додава Мицкоски.

“Јас во неколку наврати изминатите месеци кажав дека парламентарното мнозинство не е стабилно и работата на Собранието не е ефективна во онаа мера во која би требало да биде. Доказ за тоа се и случувањата изминатите денови во Собранието, но и случувањата кои датираат од пред неколку месеци. Јас ја разбирам владеачката партија дека е во страв и очај поради тоа што и тие самите си го гледаат крајот, но сега не е момент за драмолетки и несериозно однесување, бидејќи на народот му е потребна помош, а пратениците се должни тоа да го овозможат”, истакна Мицкоски.

Додека пратениците од владеачкото мнозинство пред тв екраните приредуваа циркус, истовремено огромен број семејства очекуваа да им се додели државна помош, која ќе ги спаси од крпењето крај со крај во месецот. Економијата е клекната на колена, многу семејства останаа без работа, а оние кои што се уште се на работните места немаат извор на примања поради немањето средства и поради тоа што нивните газди немаа државна помош. Тоа е она на кое што пратениците треба да бидат фокусирани, а не на насоките на нивниот лидер и неговите хирови, заврши Мицкоски.

Коронавирус