Како граѓани да извлечеме една поука дека гласот може да значи играње со многу судбини. Затоа можам само да извлечам една поука од сето ова, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостувањето во вестите на Алфа телевизија.
Тој притоа кажа дека не само што не треба да му се верува на Зоран Заев, туку мора да се почне да се разобличува до таа мера, да се избориме за предвремени парламентарни избори и единственото решение е да замине ова зло на предвремени парламентарни избори.
– Во име на тоа сите овие млади луѓе кои ме среќаваат по улиците во Скопје и Република Македонија ги повикувам да застанат рамо до рамо со нас по патот кој што заеднички ќе го изодиме до крајната проектирана цел. А тоа е како оваа ненародна власт предводена од Зоран Заев потпомогната во овој случај од Талат Џафери да замине, вели Мицкоски.
Претседателот на опозицијата рече дека во моментов се анализира целокупното сценарио што се одвивало во Собранието на Република Македонија како и сите оние прекршувања на процедурите и Уставот кои што се случија во таканаречениот обид да се донесе овој неуставен, неприменлив закон. Притоа спомена дека многу скоро ќе се излезе со резултати од таа анализа.
– Првиот чекор се разбира ќе биде интерпелација за Талат Џафери кој што ја узурпира во моментот позицијата претседател на Собранието на Република Македонија и не ја заслужува и не е достоинствен претседател за сите граѓани во Република Македонија. Неговиот начин како го прекрши деловникот како ги прекрши законите како го прекрши Уставот при обидот да биде донесен овој неприменлив и неуставен закон. Вториот чекор е да се поднесе кривична пријава за сите оние кои беа соучесници во овој процес, но и оние кои го почнаа овој процес, рече Мицкоски.
Тој потецираше дека понатаму ќе следат други чекори кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе против сите оние кои што ќе се обидат да сторат било какво кривично дело, а како доказ за тоа е дека има најава дека до такво нешто може да дојде.