четврток, 29. октомври 2020. Вести денес: 151
Во живо

Народот против загадувањето на воздухот, протести организирани од ВМРО-ДПМНЕ во 19 часот

home Вести

Мицкоски: Ова е тест без поправни испити, Заев и ова раководство на СДСМ се веќе минато, обновата ќе дојде

Мицкоски: Ова е тест без поправни испити, Заев и ова раководство на СДСМ се веќе минато, обновата ќе дојде

Денес заседаваше Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и донесовме едногласна одлука дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува и победи на изборите кои што очекуваме господинот Џафери да ги закаже во среда на 15-ти јули, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција

Во овој период се водев од две основни работи. Тоа е заштитата на здравјето на граѓаните и заштита на волјата на граѓаните. И двата услови од страна на Заев и СДСМ конечно се прифатени. Прифатено е да има протоколи за заштита на здравјето на граѓаните на денот на избори поточно ранливите категории на граѓани да гласаат на изборите од дома, правила кои досега не беа прифатени. Како и мисија на ОБСЕ/ОДИХР чија основна задача ќе биде заштита на волјата на граѓаните. И сигурно многумина се прашуваат зошто имаше одолговлекување со конечниот договор. Едноставно е, не можев да прифатам избори кои ќе значеа газење по човечки животи, и газење по здравјето на граѓаните. И секако не можам да прифатам избори помалку демократски од една Белорусија.

Македонија мора да се исправи, а моја должност како лидер на најсилната политичка партија е да ги заштити граѓаните впрочем тоа е основата во моето, а тоа би требало да биде и основа во политичката битисување на секој политичар во нашата држава.

Дали е ова лесна одлука? Одговорот е секако не. Имавме две опции, да одиме на избори во редовниот рок, а државата ќе продолжеше да тоне. И во декември веќе и немаше да биде важно кој ќе биде во Владата, затоа што се можеше да биде загубено. Државата тоне, а граѓаните страдаат. Или сега во овие сложени околности да тропнеме на маса и да кажеме дека време е за промени, и тоа време е за промени е сега. Имаме обврска кон државата и сите нејзини граѓани да  го поразиме ова раководство на СДСМ и Зоран Заев, и да го поразиме веднаш. Еве го тој момент. Момент на одлука. Момент кога секој граѓанин ќе има можност да  го даде својот глас. Секој од вас одлучува почитувани сограѓани. Знаете сега ова што сега го имате е далеку од она што го заслужувате. Се чувствувате обесправени, понижени и несигурни. Гледате околу вас неправди и искривена кичма. Заслужувате повеќе и поинаку. А, 15-ти јули е одговорот.

Од оваа ваша одлука зависи вашата и иднината на земјата, иднината на нашите најмили, иднината на најмилите на напите најмили. Сега ви кажувам, ова е тест без поправни испити. Конечна одлука за победа на доброто над злото, исправена кичма над свитканата, правдата над неправдата, вистината над лагата. Ветуваа три клучни работи и во трите не успееја. Имаме економско фијаско, капитулација во здравствениот систем, а стратешките интереси не се остварени. Немате пари, оставени сте на себе кога станува збор за здравјето, а европската иднина на Македонија е секој ден се подалеку. Каква црна европска иднина кога во Македонија со Заев се расправаме колку Луј Витон куферчиња со рекет се поделени. Ние сме земја каде убиство на дете помалку вреди од сите неправди, од сите ладнокрвни поигрувања на законите и бизнисите на власта каде влогот е Македонија. Земја во која Заев вели дека даваме пари на бизнисот, тоа значи дека неговите фирми искористиле пакет на антикризни мерки. Сега е ова точка од која нема враќање. Иднината на Македонија е во ваши раце. Ние сме со народот и во ова сум само со единствена цел, заедно  со вас да испишеме историја и да покажеме дека можело поинаку. Тука сум за да ја исправам Македонија, за да влеам надеж и кажам дека можеме  да работиме честито, чесно и одговорно.

Гледам дека од власта велат граѓаните ќе кажеле кој ќе се справува со Ковид-19 од наесен. Нивниот резултат е најголема смртност и најмногу ново заболени во Европа. Тоа е политика без компас и без зборови се знае дека прогласивте капитулација, ама сега народот е тој кој што одлучува. Затоа подгответе се следува обнова, најважното, обнова во економијата. Парите кои му недостасуваат на секого ќе се погрижиме да ги има. Обнова која ќе овозможи зголемување на просечна плата во државата за 25% во еден мандат. Просечна пензија на пензионерите за 20% во еден мандат, невработеност под 10%, 0% персонален данок на доход за млади до 29 години, рамен данок од 8%. Се обврзуваме за обнова која ќе донесе раст на БДП за повеќе од 4% годишно, 90% реализација на капиталните инвестиции, да нема неасфалтирани регионални патишта односно целосна реконструкција на повеќе од 1000 километри регионални и државни патишта, 2 милијарди евра инвестиции во патишта и многу други проекти.

Заев и ова раководство на СДСМ се веќе минато.

Последниот бастион на транзицијата, бастионот на трас трас одлуките во судството, на рекетот на срамот во македонската политика и симбол на криминалот. Не се ова избори за нијанси, туку избори за црно бела одлука изборот е или повеќе за ова раководство на Зоран Заев и СДСМ или повеќе за Македонија и граѓаните на Македонија, а јас ви ветувам дека заедно со вас, ова раководство на Зоран Заев и СДСМ ќе загубат убедливо со двоцифрена разлика на пратеници затоа што го чувствувам пулсот и ја слушам пораката од народот. Јас како и сите вас ја одбирам Македонија. Доста беше губење и порази. Обновата ќе дојде, а пред тоа треба громогласна одлука. Колку ќе биде поголема победата толку ќе биде и појасна пораката. Да завршиме со ова срамно поглавје и да ја исправиме Македонија. Македонија членка на Европската унија во семејството на рамноправните каде и вистински припаѓаме.

Време е да ги прекратиме сите детски болести на превирања, криминал кој не се казнува, на лажливи политичари. Народот е навистина изморен од сето ова. Многу генерации се изморија  чекајќи, следи ново време, одлуки и промени.

Обновата победува, Македонија ќе биде уште посилна. Јас во ова верувам. И ќе се борам до последен здив. И ќе победиме заедно со народот.

Коронавирус