понеделник, 18. јануари 2021. Вести денес: 121
home Вести

Мицкоски од Струга: Заев се срами од народот и од трите симболи кои што ги одбележуваат овој народ, оваа нација и оваа држава

Мицкоски од Струга: Заев се срами од народот и од трите симболи кои што ги одбележуваат овој народ, оваа нација и оваа држава

Навистина за мене претставува посебна чест и секогаш претставува огромна инспирација овде кога сум во Струга меѓу стружани и кога ќе можам да говорам за актуелната политичка состојба во државата. Уште поголема чест и задоволство е кога пред Вас, пред стружани ќе замолам и ќе побарам поддршка за идниот претседател на Република Македонија, жената која што маѓепсува со својот лик, со својата честитост принципиелност, професорката Гордана Силјановска Давкова, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Струга.

-Ајде на 21-ви април да излеземе со победничка Струга на чело. Ајде да победи правда за Македонија, затоа што ова што денеска и се случува на Македонија, не е ниту правда ниту правдина. Денеска спомна професорката Силјановска, но јас сакам да повторам и да потврдам. Денеска за прв пат од самостојноста на Македонија дојде висока делегација, премиер на држава и никаде ја немаше построено македонската гарда и никаде не слушнавме интонирање на македонската химна. Кое е образложението на Зоран Заев? Брутално, плитко, бледо, несмасно и неодговорно за премиер на држава, па ќе рече преку неговиот центар за манипулација и оние стотици скапо платени спинери кои што денот го поминуваат во владиното бифе, наместо нешто да сработат за државата. Па преку нив ќе расемени вест и ќе каже авионот доцнеше, немаше време за химната. Авионот доцнел немало време за химната, замислете еден од трите атрибути кои што ја прават Македонија независна и суверена држава покрај знамето и грбот е химната. Немало време за химната, тоа е изговорот. Не е господине Заев тоа изговорот, изговорот и вистината се други, а тоа е она што ти го потпиша, ти си единствениот човек кој што зема плата од овој народ и се срами од тој народ, се срами од трите симболи кои што го одбележуваат овој народ, оваа нација и оваа држава. Па излезе да ги лажеш граѓаните,  се срамиш заедно со твојот нов пријател да слушнеш дека денес над Македонија се раѓа, ете тоа е вистината господине Заев, а шеташ ширум плоштадите и бараш поддршка за твојот деспотски избран кандидат. Каква поддршка очекуваш господине Заев, каква поддршка очекуваш на твоите лаги понижувања и недостоинствени омаловажувања, како сакаш народот да го гласа твојот деспотски избран кандидат кога ти денеска бесрамно го лажеш дека немало време за химната, а вистината е што не сакаш рамо до рамо со твојот нов пријател да слушнеш како денес над Македонија се раѓа, истакна тој.

Мицкоски му порача на Заев: „Кажи ја вистината барем еднаш ти принцу на политичките лаги, лажову низаеден, барем еднашка кажи ја вистината“.

-Затоа добри луѓе, браќа и сестри еден ден кога ќе помине време, многу Македонци, многу граѓани на Македонија безразлика на нивната етничка припадност, дали се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци, Египјани и нека ми простат сите останати, ќе си го постават прашањето дали кога имавме можност направивме максимум за нашата татковина?   Дали кога можевме направивме се што можевме да ја заштитиме неа? Бидејќи во таа земја се родивме, во таа земја се школувавме, во таа земја создадовме семејства, растевме, се радувавме и тагувавме. Ќе помине многу време, јас го знам мојот одговор. Го знам одговорот и на сите вас затоа што сте овдека рамо до рамо со мене и се борите против оваа неправда која што и се случува на нашата татковина, без разлика на етничката припадност. Го знам вашиот одговор кој ќе биде. И знам дека многу работи кои што ќе ни се случуваат не се фер. И секој од нас ќе го постави прашањето зошто ова мене ми се случува, зошто на нашиот народ, на граѓаните на Македонија ова им се случува? Ние ова не го заслуживме, зарем ова мора  да ни се случува? Тогаш не треба да се откажуваме, треба ова дело, оваа борба за правда во Македонија да застанеме цврсто на нозе и да продолжиме да се бориме. Мора да продолжиме да се бориме, затоа што само тие што се борат, тие на крајот од таа борба победуваат. Тие кои седат и набљудуваат и чекаат победата сама да дојде се лажат, таа нема сама да дојде, мора вие да излезете очи во очи со предизвикот. И колку и да е тежок тој предизвик, колку и да ви изгледа дека е невозможно да го совладате тој предизвик, колку и да ви велат дека е готово, дека ништо не можеме да промениме, тоа треба дополнително сите нас да не мотивира во нашата борба за неа за правда за неа, правда за Македонија. Тоа е она што треба секој од нас да го мотивира, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара од граѓаните заедно да се бориме за Македонија.

-Да се бориме за Македонија добри луѓе, браќа и сестри. Честа и достоинството немаат цена, не ни требаат ни мерцедес Мајбах, не ни треба ни Бентли, не ни требаат жолтици, не ни требаат пари, не ни треба моќ. Нас ни треба само убав збор и победа за Македонија, ни треба кога нашите сограѓани се среќни, кога ќе се погледаме во очи и кога ќе можеме да си ја кажеме вистината. Кога ќе ни речат ова се честити луѓе, ова се вистински луѓе, тоа што го ветија тоа и го исполнија. Тоа е она што треба ние да го направиме оваа генерација современици и политичари. За тоа ние треба да се бориме. Мора да ја спречиме оваа неправда што  денеска ни се случува. Видовте вчера што се случи. Први април беше, но не беше шега, Кацарска судството на деспотот му ја даде наградата, а на народот му рече вие не гледате при очи, ниту слушате при уши. Тоа што го гледавте и слушавте дека овој истиот бара евро за црквата  и евро за Вице, се сеќавате на оној свињарникот кај Мирчо? Се сеќавате нели? Е тоа не сте го виделе и не сте го слушнале, тоа не се случило никогаш. За каква пуста правда зборуваме, за какви закони зборуваме, па таква ли Европа господине Заев сакаш да донесеш во Македонија? Најпрвин треба Македонија да ја европеизираме, Европа не сака аболирани политичари. Европа не сака политичари кои што под политички диктат се амнестираат за сторени кривични дела. Европа не сака политичари кои што се срамат од сопствената химна, грб и знаме. Европа не сака политичари кои што во четири очи договараат тендери, поделуваат парцели на браќа и братучеди за стан од 40 квадрати. Формираат конгломерати и компании надвор од сопствената земја наместо тука да вложуваат. Такви луѓе Европа не сака, не се тоа господине Заев европски вредности. Тоа е  декаденција. Тоа е срам за сопствената држава. А да видиш народот што мисли, одговорот, ем ќе го видиш ем ќе го слушнеш на  21 април и ќе биде громогласен, тоа ќе биде голем историски пораз на твојот кандидат за претседател, избран на мафијашки начин во еден скап луксузен хотел во центарот на Скопје.  А потоа на 5 мај потврдатра ќе биде испорачана. А веднаш после тоа не дека ти веруваме или те држиме за збор, бидејќи твојот збор ни пет пари не вреди, туку ќе те натераме да распишеш предвремени парламентарни избори, посочи Мицкоски.

Тој му порача на Заев дека на тие избори како премиер ќе се соочи со сиот гнев на народот за сите лаги, криминал, понижувања и омаловажувања што му ги приреди овие две години и до моментот додека не ги распише тие предвремени избори.

-Ќе изгубиш и ќе не знаеш што те снашло, за потоа се знае за сиот сторен криминал, за сета пљачка ќе одговарате пред законот од прв до последен , нема да имаш мирна политичка пензија. Оној негов кандидат нема да трошам ниту зборови, ниту да арчам од вашето драгоцено време, деспотски избран во оној скап хотел е лице и опачина на една иста паричка заедно со Зоран Заев. Нашите граѓани на кои им е подобро, поубаво се чувствуваат, подобро живат, поквалитетно живеат откако Зоран Заев е премиер, ќе гласаат за него, тоа е алтернативата. Но, сите оние кои денеска се чувствуваат омаловажени, понижени, опљачкани од овој криминален картел, нема да дозволат и нема да одобрат претседател заштитник на овој криминален картел кој денеска е на власт. Тие ќе гласаат за честита личност, за личност со интегритет, со достоинство, со вистинска програма и визија како претседател на Република Македонија. Одговорот е јасен професорката Гордана Силјановска Давкова, тоа е изборот, браќа и сестри добри луѓе. Го имаме Заев и Стево лице и опачина на една паричка и имаме честита Македонија олицетворена во нашиот кандидат и иден претседател Гордана Силјановска Давкова. А дека губат и они знаат. Ќе ме прашате од каде знаат дека губат, одговор е едноставен, затоа брзаа да донесат пресуда да му го испорачаат ветувањето на деспотот, затоа што знаат дека после 21 април се ќе биде поинаку откако ќе бидат поразени. И тие што денеска клиентелисти во судството им слугуваат од 21 април ќе завртат нова страница и се плашат дека ќе нема амнестија за Заев и таквите како Заев, туку ќе мора да се соочат со законите и пред законите да поднесат сметка за сето ова што и го направија на Македонија и на сите граѓани во Македонија, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи како ја гледа Македонија во следниве години.

-Е затоа им се брза, затоа им се брза, но нема да ги пуштиме, нема да имаат мирна политичка пензија, додека не дадат отчет за сите лаги, за сиот криминал и за сите недостоинствени работи кои ги направија. Ние не сакаме симбол на идните политичари во Македонија да биде дека или лажеме или крадеме. Не сакаме народот да мисли за политичарите дека овдека дошле за да лажат за потоа да крадат. Нас не ни треба ниту пари, ниту жолтици, ниту бели дворци. Нас ни треба честитост и еднаквост со народот наш. Тоа е оној наш сон и визија за Македонија, како ние ја гледаме Македонија во иднина, како држава која што ќе биде мајка за сите нејзини граѓани, а не мајка за една фамилија, и маќеа за сите останати. Не ни требаат привилегии, првата работа која што ја најави професорката Силјановска беше дека ќе ги скрати и ќе се откаже од сите свои привилегии, тоа ни треба нас, честитост и добар збор. Нас ни треба овој историски момент да направиме нешто за нашиот народ, да работиме за нашиот народ, да работиме за нашата држава искрено, честито и принципиелно. Јас ви го гарантирам тоа, се заветувам овде од Струга дека нема ни милиметар да избегаме од овие граници кои сега ги поставуваме. Ние сме исти подеднакви, довербата која што ќе ја добиеме, пеколно ќе не обврзе во иднина истата да ја оправдаме. Сакаме да бидеме среќни соседи, сакаме да видиме насмеани роднини, колеги, сакаме да се поздравуваме со млади луѓе кои ја гледаат иднината во Македонија. Сакаме да среќаваме доктори кои се борат за специјализација и да останат во Македонија, наместо да ги полнат клиниките во Западна Европа. Сакаме да видиме инженери кои што кариерата со пронајдоци ќе ја градат во Македонија, наместо да ги полнат производните  хали во Западна Европа, Америка и Австралија. Тоа е она што е наш императив. Тоа е она што нас не прави среќни. Сакаме да го вратиме, да вратиме дел од она изгубено достоинство кое што Зоран Заев го тргуваше изминативе две години. Тоа е онаа победа и правда за Македонија за која што ние се бориме. Ајде придружете ни се, застанете рамо до рамо со нас, ајде заедно да ја победиме оваа битка за правда за Македонија. Ајде од Македонија да направиме достоинствено и честито место за живеење. Ајде да бидеме среќни, да уживаме во таа среќа заедно. За тоа треба заедно да работиме, затоа никогаш нема да се срамам и нема да се штедам. Така и вечерва, ве молам помогнете ни,  да и помогнеме, за да си помогнеме сите ние од прв до последен. Битка добиваат не оние што се побројни и помоќни. Битка добри луѓе добиваат мотивираните и храбрите. Јас денеска овде во Струга само такви луѓе гледам, мотивирани, храбри и подготвени да го совладаат предизвикот, најпрвин на 21-ви април, дури потоа на 5-ти мај да го потврдат, и конечно да славиме да славиме потоа на предвремени парламентарни избори една голема победа за Македонија. Да изгрее зората на слободата и да донесе правда за Македонија, заклучи Мицкоски пред стружани.

Најнови вести

Коронавирус