четврток, 27. февруари 2020. Вести денес: 24
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Мицкоски: Немаме никаква реформа во судството

Мицкоски: Немаме никаква реформа во судството

Судството беше една од темите за која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говореше во своето интервју за штипската ТВ Стар.

-Ние немаме никаква реформа во судството. И тие малку реформски зафати кои ги имаме, ги има благодарение на додадената вредност која ја даде опозицијата во рамките на тие закони, а со цел да го забрза, практично, процесот на исполнување на критериумите наметнати со таканаречениот 3-6-9-18 план кој што е неопходен за европската агенда на нашата држава. Тоа е суштината што денеска ни се случува. Инаку, ние немаме никакви реформи. Какви реформи очекувате вие од држава во која што прв на телото кое треба да прави реформи во судството е премиерот на државата. Не можете вие да правите реформи во судството ако телото кое треба тие реформи да ги прави, го раководи премиерот кој, патем речено, во минатото имал, во најмала рака и најблаго кажано, имал проблеми со законот. Почнувајќи од случајот Глобал, па завршувајќи до случајот Поткуп. Не може човек кој има концесии, кој има минато на проблеми со законот, да има почетна позиција и да биде тој првиот кој ќе биде главен реформатор во судството, рече Мицкоски.

Тој посочи дека такви промени може да прави фелата и луѓе кои немаат проблеми со законите во минатото.

-Ако немате вистинско владеење на правото, ако немате правна држава, ако немате правда во државата, ако немате реформирано судство и обвинителство, вие не можете да очекувате ниту инвестиции, не зборувам само за странски, зборувам и за домашни. Бидејќи луѓето за да инвестираат мора да се чувствуваат сигурни во капиталот кој го инвестираат. Тоа значи дека нема новокреирани работни места, тоа значи дека ќе нема поголем број на економски субјекти кои што ќе приходуваат и ќе плаќаат данок во буџетот, тоа значи дека ќе имате помалку пари во буџетот за да има реновирање на училишта, болници, плати за администрацијата, субвенции за земјоделците. Сето тоа е онаа вистинска спирала која треба да ја имате, но со ваква Влада, со ваква политичка елита која денес е секојдневие во Македонија, вие тоа не можете да го имате, порача Мицкоски во интервјуто за ТВ Стар.