четврток, 13. мај 2021. Вести денес: 123
home Вести

Мицкоски: Наместо да се делиме по етничка основа, да ги одвоиме криминалците од чесните и тие да се изведат пред лицето на правдата

Мицкоски: Наместо да се делиме по етничка основа, да ги одвоиме криминалците од чесните и тие да се изведат пред лицето на правдата

Во денешното издание на Клан телевизија во емисијата ”За кавгите и аргументите” лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потенцираше дека Македонија е на сите граѓани кои живеат и работат во неа и затоа сите треба да се бориме за неа. Тоа значи дека сите оние кои се криминалци треба да одговараат, а чесните и честитите политичари треба да понудат решение за подобар живот на сите граѓани во државата.

-За мене не постојат македонци и албанци. За мене не постојат вмровци, сдсмовци, или луѓе од ДУИ или Алијанса. Постојат чесни и честити политичари и криминогени. Тие криминогените треба да одговараат за основање сомневање дека сториле криминал. А чесните и честитите политичари треба да продолжат да се занимаваат со политика без разлика дали биле во власт или опозиција. Немојте ве молам да ја првиме грешката на 90-тите и на годините од првата декада од 21-от век, истакна Мицковски.

Оваа држава треба сите заедничко да ја градиме и сите заеднички да се бориме за нејзината иднина, посочи тој.

-Затоа што оваа држава е моја колку што е ваша. И ние мора да се бориме оваа држава што побрзо да излезе од ова мочуриште во кое што се наоѓа. Денеска тешко се живее и во Желино и во Босилово. Денес мака мачи со родот и оној Албанец од Долнени, но и оној Турчин во Конче и оној Македонец во Струмица. Ајде така да гледаме, ајде прво да им ги решиме обичните проблеми на луѓето. Ајде криминалците да одговараат за криминалот, а оние што се честити да понудат решение, а после тоа ќе збориме за други теми. Не сакам, одбивам да зборам за друго, фрустрира сето тоа. До кога? Дајте 21 век сме на Марс се качија луѓе а ние зборуваме за теми што биле во 19 век. Оваа држава Македонија ваква каква што е, ни ја оставија предците и треба да си ја градиме заеднички. Да засукаме ракави и заеднички да се бориме против криминалците и заеднички да ги подржуваме чесните работливи луѓе. Само така може да успееме, дециден е лидерот ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Коронавирус