петок, 24. јуни 2022. Вести денес: 14
home Вести

Мицкоски: Ковачевски да се вразуми и да седнеме да разговараме за предвремени парламентарни избори и за иднината на Македонија

Мицкоски: Ковачевски да се вразуми и да седнеме да разговараме за предвремени парламентарни избори и за иднината на Македонија

Очекувам Ковачевски да се вразуми и да разбере дека јас не сум му непријател. Јас сум му можеби политички конкурент и ВМРО-ДПМНЕ можеби политички конкурент на СДСМ, но ние не сме непријатели на Македонија и ние не сме непријатели на институциите. Ние сме пријатели, подаваме рака да седнеме и да разговараме. За мене непријателски акт е кога министер, кој што го плаќаат граѓаните, огромно мнозинство Македонци, стои пред знаме на туѓа држава и се срами да каже дека доаѓа од оваа држава, како што беше тоа чинот на еден министер во текот на неговата посета, во текот на вчерашниот ден, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор Д-р Христијан Мицкоски денес од теренските активности во општина Радовиш одговарајќи на новинарски прашања.

Посочи дека нема други политички фактори освен ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои што можат да се договорат за иднината на Македонија и да престанат понижувањата и срамот кои на дневна основа и се случуваат на државата од функционери плаќани со парите на граѓаните, како што беше последниот вчерашен пример на македонски министер при посета на соседна држава кој што се сликаше под туѓо знаме не македонско.

„Резултатот од овие политики на СДСМ е тоа, затоа апелирам до Ковачевски, не постојат други фактори освен ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кој што можат да се договорат за иднината на Македонија. Нека не се залажува дека некој друг му го чува грбот, тој грб ќе му биде полн со ножеви. Немаме поголема цена од Македонија, ние сме тие кои што сме иднината на овој народ и ние сме тие кои што се одговорни за иднината на Македонија. Нека не мисли дека други политички субјекти се тие кои што без нив не може. Не, не е така. За да прекинат срамот, како тој вчера што го направи тој министер кој што го плаќаат граѓаните, го повикувам на разум, на патриотски дух, да седнеме на маса и да ставиме крај на срамот што некои други ни го прават“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека доста му е на македонскиот народ и на македонските граѓани од понижувањата и од поделбите кои што одредени политички партии му ги прават и дека тоа е против државните интереси и против мултиетничките односи во државата.

„Доста му е на македонскиот народ и на граѓаните кои што се против една политичка партија, да се чувствуваат за граѓани од втор ред. Да престане срамот, срамењето и деградирањето на државата. Не може да дозволиме повеќе ниту минута да ни се случуваат вакви работи. Ова е против државните интереси, ова е против унитарниот карактер на државата, ова е против мултиетничноста на Македонија и против мултиетничките односи на Македонија. Некој свесно ја напуштаат зелената агенда и сака со национализам да го дели народот. Тоа е само затоа што имаме слаб СДСМ во владата, тоа некој го злоупотребува, го краде народот, создава нервоза, создава револт“, истакна Мицкоски.

Затоа, додаде Мицкоски, го повикувам Ковачевски да се вразуми, ова не е ниту до Мицкоски ниту до Ковачевски, иднината на Македонија е во прашање, да седнеме и да разговараме, немаме ние друга држава, ние немаме резервна татковина, доста некој ни ја понижува и доста некој ни ја краде.

„Затоа го повикувам да се вразуми, да не слуша дека некој друг му го чува грбот, ние сме тие што му го чуваме грбот и очекуваме тие да го чуваат нашиот грб, а заедно да го чуваме грбот на Македонците и граѓаните на Македонија. Тоа е она што јас сакам да го упатам од овде, од Радовиш. Некој свесно внесува поделби, некој свесно сака да го подели македонскиот народ и македонските граѓани и свесно внесува национализам и антагонизам. Само ние можеме тоа да го спречиме, само ние ја имаме таа сила која што може тоа да го спречи. Тоа е мојата порака“, рече Мицкоски.

Коронавирус